Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара заедно со претседателските избори следната година да се одржат и предвремени парламентарни избори на вечерашниот антивладин собир пред Владата. Тој побара и претседател на Државната изборна комисија на предлог на опозицијата, како и техничка влада на 100 дена пред изборите. За преговорите со Грција, Мицкоски го повтори ставот дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на уставното име.
„Предвремени парламентарни избори заедно со претседателските мора да има. Ајде да избереме претседател на ДИК на предлог од опозицијата. Ајде да формираме техничка влада на 100 дена пред предвремените парламентарни избори, впрочем исто како што беше во 2016 кога Зоран Заев и СДСМ ги загубија изборите и да видиме дали народот се согласува со ова што го прави Зоран Заев и СДСМ“, кажа Мицкоски.
Поранешниот координатор на пратеничката група Илија Димовски и поранешниот претседател на Собранието Трајко Велјановски беа присутни пред Владата, како и бившите министри за надворешни работи Антонијо Милошоски и Никола Попоски, на митингот не беше експремиерот Никола Груевски.
Мицкоски најави дека неговата партија почнува работно лето, посетувајќи го секој дом во Македонија.
„Ќе разговараме со што е можно повеќе луѓе за проблемите кои ве тиштат, но и за тоа што ние утре ќе треба да направиме кога ќе ја формираме новата влада во Република Македонија“, рече Мицкоски.
На собирот имаше и видеопораки со поддршка од унгарскиот премиер Виктор Орбан и претседателот на Европската народна партија Жозеф Дол.
Г. ТРПЕНОСКИ