ЈП „Градски паркинг“ ќе воведе зонско паркирање на нови локации, само доколку граѓаните сакаат и Општините донесат таква одлука, вели директорот Борче Јакимовски.
Во програмата за инвестициски вложувања на претпријатието за 2018 година се наведени нови паркинг зони во Карпош, Кисела Вода и Автокоманда. Во Кисела Вода зонско парирање е предвидено на четири улици, Антон Попов, Емил Зола, Иван Козаров и Вера Јоциќ. Во Карпош кај ТЦ „Лептокарија“ и на улиците Мирка Гинова, Иван Аговски, и Гиго Михајловски, а во општина Гази Баба на улицата Индустриска во Автокоманда.
Директорот Јакимовски вели дека оваа програма не е ништо ново, туку е стара со години.
„Неколку години веќе во нашата програма имаме предвидено паркирање на овие локации, но тоа не значи дека ќе се реализира. За да се оствари треба да се согласат граѓаните односно да се изјаснат на анкета и Општината да донесе одлука“, вели директорот Јакимовски.
Од претпријатието додаваат дека според нивните анализи во делови од Карпош и Кисела Вода потребно е да се воведе зонско паркирање оти станарите имаат проблем со паркинг простор.
А. АНТЕВСКА