Актерот од Македонскиот народен театар (МНТ) Висар Вишка стана советник на новиот министер за култура Асаф Адеми.
„Ќе го советувам за сè“, ни рече актерот, додавајќи оти иако министерот е помлад од него, се познаваат одамна од детството од нивниот роден град.
Адеми на вчерашното примопредавање на министерската функција од Роберт Алаѓозовски во Министерството за култура дојде заедно со Вишка.
Глумецот беше заедно денес со министерот Адеми, на неговото прво официјално појавување на Симпозиумот за менаџмент во културата, организиран од Центарот за нови иницијативи во културата и уметноста Локомотива Скопје.
Адеми, кој доаѓа од Беса – крилото на Африм Гаши. Адеми беше изгласан за министер на седница на Собранието на 1 јуни.
Адеми по професија е градежен инженер, досега бил управен директор на канцеларијата на меѓународната компанија ИНСКЕЈЛ Глобал во Скопје, а има и дипломатска кариера како поранешен амбасадор во Данска. На изминатите локални избори лани беше кандидат на Беса за градоначалник на Гостивар.
Вишка во март годинава глумеше руски командант во ТВ-серија во Кејптаун, Јужна Африка, во продукција на Би-Би-Си.
Според „Вараети“, новата минисерија од шест епизоди „Добри предзнаци“ ја режира Даглас Меккинон, кој ја работеше и популарната британска серија „Шерлок“.
Во „Добри предзнаци“, која ќе се емитува следната година на „Амазон“, главните улоги ги играат познатите глумци Мајкл Шин и Дејвид Тенант, а дел од екипата сè уште неколку филмски ѕвезди, како Миранда Ричардсон, сер Дерек Џејкоби и Џон Хем.
Вишка пред три години глумеше чеченски мафијаш во втората сезона од американската крими-серија „Легенди“, која се емитуваше на „Фокс“, заедно со Шон Бин („Игра на тронови“, „Господар на прстените“).
Во матичниот театар, Вишка глуми во претставата „Силјан Штркот шанца“.
Б. НЕСТОРОСКА