ЗА СПОРОТ ЗА ИМЕТО ТРЕБА ТРПЕНИЕ И ДОВЕРБА, РЕЧЕ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ЖБОГАР

    ЗА СПОРОТ ЗА ИМЕТО ТРЕБА ТРПЕНИЕ И ДОВЕРБА, РЕЧЕ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ЖБОГАРEвроамбасадорот Самуел Жбогар енес присуствуваше во Националниот парк Пелистер, кој доби европски грант од 300 000 долари за зајакнување на капацитетите на паркот преку едукација на вработените и мониторинг. (Фото: СДК.МК)

    За да се реши спорот за името сите треба да имаме трпение и доверба дека ќе дојде до тоа, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар.

    „Сите со нетрпение ги очекуваме резултатите од интензивните преговори кои се во тек. Мислам дека двете страни ќе можат да изнајдат решение кое ќе биде добро не само за двете земји, туку и за целиот регион и за цела Европа. За тоа да се случи сите ние треба да имаме трпение и доверба дека тоа ќе се случи“, рече Жбогар.

    Тој денес присуствуваше во Националниот парк Пелистер, кој доби европски грант од 300 000 долари за зајакнување на капацитетите на паркот преку едукација на вработените и мониторинг. Грантови добија осум заштитени подрачја од Македонија финансирани од ИПА2, а имплементирани од УНДП во соработка со Министерството за животна средина.

    Министерот за животна средина Садула Дураку доаѓајќи на Пелистер рече дека на планината е многу убаво и чисто, но не е така на влезот од Битола, кај обиколницата каде има ѓубре. Градоначалничката Наташа Петровска му одговори дека тоа е регионален пат и е во надлежност на претпријатија на државно ниво, но сепак општината го исчистила и пак таму некој фрла смет. Таа додаде дека за да се реши проблемот ќе треба помош и од централната власт.

    Дураку запрашан што тој како министер за животна средина може да направи за да се реши проблемот изрази надеж дека со пријателите, како што ги нарече амбасадорите на ЕУ и на УНДП, проблемот скоро ќе се реши.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира