Колку инсулини чини еден споменик? Вакви пароли излепија група дијабетичари на споменикот Филип Втори вечерва за време на протестите што се одржаа во Битола. Дијабетичарите коментираат дека на 30 мај ќе биде отворен новиот тендер за набавка на инсулин распишан од Министерството за здравство во кој се намалени средствата за набавка на лекови за дијабетичарите.
„Повторно се намалени средствата за набавка на инсулин и инсулински помагала за околу 30 проценти од претходниот тендер. Тоа не е во ред зашто треба за 20 проценти да бидат зголемени земајќи ја во предвид природната преваленца на зголемување на бројот на инсулински зависни дијабетичари. Енормно е намален бројот на одредени аналогни инсулини, а покачен е бројот на хумани инсулини, тоа е првата генерација на инсулини кои во Европа се исфрлени уште пред 15 години од употреба. Во игра се и биосимилари, копија на инсулини со кои нашите лекари немаат доволно искуство со нив, ниту имаат доволна јачина“, – вели битолчанката Ели Секуловска која вечерва им се придружи на демонстрантите.
Споменикот на Филип Втори во последно време се почесто наликува на огласна табла, па граѓаните преку пароли на него ги истакнуваат своите маки и проблеми.