Во Основниот суд Скопје 1 денеска беа изречени првите затворски казни за претепувањето на пратеникот Зијадин Села на 27 април лани. Три години затвор доби Стојан Павлевски, а Цејо Георгиевски доби една година и два месеци. За двајцата, обвинителството во текот на постапката го преквалификува делото од обид за убиство во насилство и двајцата признаа вина на претходното рочиште.
Судијката Славица Андреевска кажа дека разликата во висината на казаните е поради тоа што Павлевски е првиот кој влегува во Собранието и се насочил кон пратениците.
По признавањето вина, за Павлевски и Георгиевски се водеше издвоена постапка, а судењето за предметот продолжува на 2 и 5 јули, за кога се закажани завршни зборови.
За обид за убиство на Села обвинети се Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов.