Битолчани веќе не полнат здрава и студена вода од чешмите во Подпелистерието како порано. Сега водата од градскиот водовод е поисправна за пиење отколку онаа што извира и се користи во подеплистерските села Трново, Дихово, Магарево, Ниже Поле, Маловиште, Цапари и други села.
Од Центарот за јавно здравје во Битола потврдија дека со анализите направени во 2017 дури 72,3 проценти од земените мостри од селските чешми и водоводи покажале дека се микробиолошки неисправни. Во извештајот доставен до битолскиот Совет, се посочува дека од 181 примерок земен во 35 селски населби кои се снабдуваат со сопствени водоводи, неисправен бил дури 131 примерок.
Како покритични места се посочуваат Братин Дол, каде загадени се покажале сите седум земени мостри. Во другите подпелистерски села, во Трново од 8 загадени се 6, Дихово, Магарево, Ниже Поле и Цапари неисправни за пиење сите пет мостри, во Маловиште, единствената селска населба сместена во рамки на Националниот парк Пелистер, биле земени пет мостри и четири биле бактериолошки неисправни.
Подобра не е состојбата ни во дел од полските села Драгарино, Породин, Доленци и други. Во овие 35 села каде водата е со сомнителен квалитет живеат над 10.000 жители што е околу 11 проценти од вкупното население во Општина Битола. Останатите 89 проценти од жителите пијат вода од градскиот водовод каде 520 испитани мостри биле бактериолошки исправни.
Во извештајот на Центарот за јавно здравје пишува дека од извршените санитарно-хигиенски увиди на каптажите, резервоарите и мрежата на селските водводи утврдено е дека не ги задоволуваат санитарно-хигиенските норми. Немаат дефинирани заштитни зони околу извориштата на вода, каптажите, резервоарите и водоводната мрежа, стари се и не се одржуваат, немаат соодветна опрема за прочистување и дезинфекција , а ако ја имаат тоа се врши нерамномерно и неправилно. Препорачуваат да се постават правни субјекти кои ќе стопанисуваат со локалните водоводи или нивно сукцесивно приклучување кон градскиот водовод.
Водата од изворите во Пелистерието е загадена и поради тоа што угостителските објекти на Пелистер со отпадните фекални води се справуваат со септички јами. Тоа предизвикува загадување на животната средина и планинските водотеци. Во изминатите 13 години не се догради колекторскиот систем поради недостиг на средства. Од Јавното претпријатие „Нискоградба“ деновиве најавија дека со поддршка на Министерството за животна средина и Општина Битола почнуваат со реализација на комунални проекти во потпелистерието.
„Ќе се постави дел од колектор за прифаќање на фекалните води од Националниот парк „Пелистер“, почнувајќи од хотелот ‘Молика’, потоа Детско одморалиште ‘Пелистер’, селата Трново и Магарево, сè до поранешната живинарска фарма каде е планирана изградба на пречистителна станица“, рече директорот Менде Силјановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА