ХАН И МОГЕРИНИ ДОАЃААТ ВО ПРЕСПА НА ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА, ПОТВРДИ ВЛАДАТА

    ХАН И МОГЕРИНИ ДОАЃААТ ВО ПРЕСПА НА ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА, ПОТВРДИ ВЛАДАТАНа свечената церемонија на потпишување на договорот меѓу Грција и Македонија утре во Преспа ќе присуствуваат и Евроокомесарот Јоханес Хан и високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија Федерика Могерини

    Јоханес Хан, комесар за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската комисија, и Федерика Могерини, висока претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија и заменик-претседателка на Европската комисија, утре ќе присуствуваат на свечената церемонија на потпишување на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името, која ќе се оддржи и на македонска и на грчка страна на Преспанското Езеро, соопшти Владата.

    Владата соопшти дека покрај Хан и Могерини на свечената церемонија ќе присуствува и Розмари Ди Карло, потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации.

    „Делегацијата на Владата на Република Македонија на свечената цермонија на потпишувањето на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство ќе ја предводи премиерот Зоран Заев“, велат од Владата.

    Во македонската делегација покрај Заев се: министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Од Владата информираа дека тие утре ќе пристигнат во Псарадес (Нивици), на грчката страна, каде што ќе бидат пречекани од премиерот на Република Грција Алексис Ципрас и од грчката владина делегација.

    „Таму министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе го потпишат договорот, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот Метју Нимиц. На делот од заедничкиот настан на свечената церемонија во Република Грција, свои обраќања ќе имаат премиерите Заев и Ципрас“, соопштуваат од Владата.

    Официјалната средба на двете делегации потоа ќе продолжи на македонската страна во Отешево, каде што двете делегации ќе имаат билатерален разговор и свечен ручек.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира