ЛИДЕРОТ НА ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА БАЧЕВ СО РУСКО ЗНАМЕ СЕ КАЧИ НА ПОЛИЦИСКА КОЛА НА ПРОТЕСТОТ ПРЕД СОБРАНИЕ

    ЛИДЕРОТ НА ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА БАЧЕВ СО РУСКО ЗНАМЕ СЕ КАЧИ НА ПОЛИЦИСКА КОЛА НА ПРОТЕСТОТ ПРЕД СОБРАНИЕМеѓу оние кои пробаа да го пробијат полицискиот кордон беше и Јанко Бачев, кој во еден момент се издвои од групата демонстранти и се качи врз оклопното возило и ги развеа знамињата, се задржа така неколку минути, а потоа на барање на полицаец се симна (Фото: принтскрин од видео на Радио Слободна Европа)

    Лидерот на десничарската проруска партија Единствена Македонија д-р Јанко Бачев, со руско знаме и со знамето со ѕвездата од Вергина в раце се качи на полициската оклопна кола, на вечерашниот протест пред Собранието против договорот за името со Грција, кој заврши со судир меѓу демонстрантите и полицијата при обид да се пробие кордонот и во кој има и повредени.

    Меѓу оние кои пробаа да го пробијат полицискиот кордон беше и Бачев, кој во еден момент се издвои од групата демонстранти и се качи врз оклопното возило и ги развеа знамињата, се задржа така неколку минути, а потоа на барање на полицаец се симна.

    Неговата партија Народно движење за Македонија во јануари годинава го смени името во Единствена Македонија, а се залага за  стратешко партнерство со Русија и е против зачленување на Македонија во НАТО и Европската Унија.

    Бачев е професор на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ на чиј сајт стои дека е официјален руски партнерски универзитет.

    Вечерашните демонстрации пред Собранието, во кои се повредени 7 полицајци и две жени, беа поради договорот со Грција за конечно решавање на спорот за името, кој денеска во Преспа го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

    Полицајците и цивилите се повредени по немирите што настанаа откако околу 21 часот, кога дел од демонстрантите почнаа да фрлаат со камења против полицијата што го чува Собранието, а потоа се обидоа и насилно да ја турнат заштитната ограда и да се упатат кон Собранието. Полицијата интервенирираше со околу десетина шок бомби и солзавец за да ги растури демонстрантите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира