Десет години откако беше домаќин на Европското првенство за ракометарки, Македонија повторно доби организација на ракометно натпреварување од највисок ранг.
На Конгресот на Европската ракометна федерација во Глазгов, Македонија беше потврдена за домаќин на Европското првенство во женска конкуренција во 2022 година, откако беше прифатена заедничката кандидатура со Црна Гора и Словенија.
Според претставената програма во Глазгов, натпреварите ќе се играат во Скопје, Љубљана, Целје и во Подгорица, при што секој град ќе биде домаќин на една од прелиминарните групи.
Во Скопје, во арената „Борис Трајковски“, ќе се игра и една група од главната фаза, додека завршницата ќе се одржи во главниот град на Словенија.