НОВОЗЕЛАНДСКАТА ПРЕМИЕРКА РОДИ ДЕВОЈЧЕ

    НОВОЗЕЛАНДСКАТА ПРЕМИЕРКА РОДИ ДЕВОЈЧЕЏесинда Ардерн е првата премиерка по Беназир Буто во 1990 година која се породила додека била на функција (Фото: Твитер)

    Новозеландската премиерка Џесинда Ардерн го роди првото дете, станувајќи една од ретките жени која се породила додека била на највисока државна функција.

    Триесет и седумгодишната Ардерн роди девојче во болница во Окленд, четири дена пред планираниот термин. Таа планира да земе шестнеделно породилно отсуство, а за тоа време ќе ја менува вицепремиерот Винстон Питерс. Сепак, како што кажа, ќе продолжи да чита владини документи додека е отсутна од кабинетот.

    Ардерн ја објави веста за породувањето на социјалните мрежи.

    „Многу сум среќна и му благодарам на персоналот во болницата. Знам дека ќе поминуваме низ многу емоции карактеристични за нови родители. Благодарам за сите убави пораки и честитки што ги добив“, кажа Ардерн.

    Ардерн, која стана премиер во октомври, најмлад во државата од 1856 година, во јануари објави дека со нејзиниот партнер Кларк Гејфорд очекуваат дете.

    Во 1990 година, Беназир Буто се породи додека беше на функцијата премиер на Пакистан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира