ЛИЦАТА СО АУТИЗАМ И ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ ВО ШТИП ОД 1 ЈУЛИ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ ОРГАНИЗИРАН ПРЕВОЗ, ДРЖАВАТА БАРА ДОНАЦИИ ЗА КОЛА

    ЛИЦАТА СО АУТИЗАМ И ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ ВО ШТИП ОД 1 ЈУЛИ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ ОРГАНИЗИРАН ПРЕВОЗ, ДРЖАВАТА БАРА ДОНАЦИИ ЗА КОЛАСемејствата предупредуваат дека под новите услови семејствата нема да може да ги носат децата во дневните центри кои ќе бидат во ситуација да стават катанци на вратите (Фото: СДК.МК)

    Во Штип од први јули ќе нема организран превоз за лицата со аутизам и интелектуална попреченост. До крајот на јуни истекува договорот со фирмата која лани го добила едногодишниот тендер за превоз на оваа категоријна лица. Двата нови тендера не успеале, затоа што на огласот не се јавила ниту една превозна компанија.

    „Имаме само екстра трошоци. Со 20 илјади денари месечно не можеме да ги покриеме ниту трошоците за гориво. Ангажирани беа пет до шест возила. Затоа ниту една компанија не пројави интерес“, велат од такси компаниите во Штип кои досега биле во конкуренција за превозници.

    Најмногу се загрижени засегнатите семејства на чиј товар ќе бидат новите дополнителни трошоци. Активстот за заштита на правата на децата со аутизам и попреченост во развојот Зоран Мијалков, родител на дете со аутизам и преставник на здружението „Сплотени срца“, укажува на новата ситуација со цел на време да се реши новонастанатиот проблем.

    Во Центарот за социјални работи во Штип, во чија надлежност е грижата за децата со аутизам и интелектуална попреченост, велат дека тие ги преземаат сите мерки ова горливо прашање да се реши, но по двата неуспешни обиди со тендерите биле принудени уште повеќе да ги интензивираат активностите за набавка на сопствено специјално возило за превоз на вакви лица. До решевањето на проблемот ќе мора превозот да биде во режија на семејствата и на нивен трошок.

    „Обезбедувањето донации и сопствени средства за набавка на специјално возило оди бавно. Применуваме разни форми на активности за собирање на средства. Досега се обезбедени само дел од неопходните пари за ново возило, но се надеваме дека со сопствени сили преку донаторски изложби и слични активности бизнисмените и нивните компании ќе пројават поголем интерес и конечно ќе ги обезбедиме потребните од 8000 до 14.000 евра“, вели директорката на Центарот за социјални работи во Штип Сузана Цветкова.

    Социјалните работници и засегнатите дваесетина семејства сметаат дека такво специјално возило не само што ќе ги задоволи условите за еден редовен и правилен превоз по сите стандарди, туку ќе биде во голема полза и за загрижените семејства кои до конечното решавање на проблемот ќе мора да се изложуваат на дополнителни трошоци за секојдневниот превоз од домовите до Центарот за аутизам и до Центарот за лицата со посебни потреби и интелектуална попреченост во Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира