НЕ МОЖЕМЕ ДА ВЛЕЗЕМЕ ВО АПТЕКА, НИ КАЈ МАТИЧЕН ЛЕКАР – ИНВАЛИДИТЕ ДЕФИЛИРАА НИЗ БИТОЛА ПРОТИВ АРХИТЕКТОНСКИТЕ БАРИЕРИ

    НЕ МОЖЕМЕ ДА ВЛЕЗЕМЕ ВО АПТЕКА, НИ КАЈ МАТИЧЕН ЛЕКАР – ИНВАЛИДИТЕ ДЕФИЛИРАА НИЗ БИТОЛА ПРОТИВ АРХИТЕКТОНСКИТЕ БАРИЕРИЛицата со телесен инвалидитет велат дека проблемот не е само во институциите, туку воопшто свеста кај повеќето граѓани е на ниско ниво; - од дефилето низ Широк Сокак во Битола (Фото: СДК.МК)

    Не можеме да излеземе од зградите во кои живееме зашто нема пристапни рампи, тешко стигнуваме кај матичните лекари и во аптеките, а приодот до паркинг места е попречен со возила, се пожалија лицата со инвалидитет на денешното Дефиле низ Широк Сокак во Битола.

    „Уште во зграда се соочувам со бариера, нема пристапна рампа. Секој ден слегувам со помош на маж ми и ќерка ми. Сакаме да прошетаме, не се живее по цел ден затворен во стан. Болницата е достапна, а другите места не. Аптеките се недостапни. Кај матичниот лекар нема пристапна рампа“, се пожали битолчанката Олгица Огненовска.

    Лицата со телесен инвалидитет велат дека проблемот не е само во институциите, туку воопшто свеста кај повеќето граѓани е на ниско ниво.

    „Се движам со специјално моторче. На места каде што има паркинзи за инвалиди, пречки има на приодите. Паркирани коли да не можиш да поминеш. Пред некој ден кај трговската куќа во центарот на Битола имаше паркирано возило и полицијата тука беше. Ѝ реков на полицијата вака не смеат да се паркираат. Ми рекоа дека несовесни граѓани биле. Па, пиши им пријава ако се несвесни тие, бидете вие свесни“, рече Томе Ѓоргиевски од Битола.

    Дефилето по 12 пат го организираше Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Битола“. Градоначалничката Наташа Петровска, која присуствуваше на дефилето, изјави дека ќе работат на остранување на архитектонските бариери.

    „Настојувам во нашите средби да таргетираме точно каде се проблематичните точки кои ја попречуваат мобилноста на нашите сограѓани и истите да бидат вградени во програми и во инфраструктурни зафати на Општината за да се реализираат. Би била пресреќна доколку ова успееме да го мапираме и овозможиме уште со ребалансот на буџетот“, рече Петровска.

    Проф д-р Марјан Танушевски, претседател на Македонското научно друштво од Битола, одржа предавање на тема „Лобираме заедно“, при што истакна дека порано архитектонските бариери беа најголем проблем, сега се повеќе е човековиот ум како бариера, односно разбирањето на потребата за да им се помогне на лицата со инвалидитет, зашто тоа не треба да биде потреба туку култура на однесување.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира