Лицата со мерки притвор и осудените лица по спроводот во затворот во Шутка се претресуваат голи на мегдан и на видно место во несоодветна просторија. Таму цути корупција рече Заменикот-народен правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа, затоа што при посетата на тимот од Националниот превентивен механизам (НПМ) било утврдено дека има продажба на мобилни телефони. Мито се зема и за сместување во делот каде што сигналот не е блокиран. НПМ, вели таа, и фактички при посетата утврди дека постои дел со сигнал за мобилна телефонија.
Во Кумановскиот затвор, пак, кој е релативно нов, затекнатата состојба била катастрофална поради тоа што проблемот со водата во затворот и натаму не е решен, а бидејќи нема врати во тоалетите, затворениците заради приватност ги закачувале своите ќебиња.
Попладневниот надзор врз затвореничките во затворот Шутка го вршат мажи, бидејќи нема жени надзорнички за втора смена. Оттаму, Омбудсманот апелира ова незаконско однесување и изложување на срам и понижување, под итно да се елиминира.
Во Струмичкиот затвор претрес врз жени воопшто немало што е ризик вели Бајрамовска по безбедноста на целата установа. Таму е најкатастрофално вели таа. Во една самица се набутани по тројца осудени лица кои најчесто се тепаат меѓу себе. За нив нема лекарски преглед секој ден што е исто така задолжително со закон.
Констатацијата на Народниот правобранител од посетите на затворските установи мината година е дека образование и ресоцијализација воопшто нема за што е известен директорот на Управата за извршување санкции, а ќе бидат известени и поткомитетот за тортура на Обединетите нации и другите меѓународни организации.
Во Годишниот извештај за 2017 година што го презентираше Бајрамовска се спомнати и катастрофалните состојби во полициските станици во Македонија каде што е дозволено подолго задржување на лицата лишени од слобода. Валандовската полициска станица е најстрашна и за неа побарал Омбудсманот да се запечати и да не се користи. Истата глетка е и во полициската станица Драчево.
С. К. ДЕЛЕВСКА