Затворени центри за мигранти ќе бидат поставени во земјите од Европската Унија, договорија европските лидери по маратонските преговори во Брисел.
Тие ќе се отвораат на доброволна база и во нив ќе се одлучува кои од илегалните мигранти ќе бидат вратени назад.
Италија, преку која влегуваат илјадници мигранти, главно од Африка, претходно се закани дека ќе стави вето на договорот, ако не добие помош.
Засега не е познато во кои земји ќе бидат отворени вакви центри, но францускиот претседател Емануел Макрон кажа дека тоа би можеле да бидат земјите во коишто мигрантите прво влегуваат во Европската Унија.
„Го постигнавме вистинскиот баланс помеѓу одговорноста и солидарноста“, изјави Макрон.
Европскиот совет соопшти дека бројот на мигранти кои илегално влегуваат во ЕУ паднал за 96%, во споредба со врвот на кризата во 2015 година.
Лидерите на ЕУ се согласија и околу некои други мерки:
- зајакнување на внатрешните гранични контроли.
- државите треба да преземат внатрешни мерки, за да се спречи движењето на мигрантите во рамките на ЕУ.
- растурање на бизнисите и на маршрутите за шверц на мигранти.
- поголемо инвестирање во Африка, особено во северниот дел, за да се подобри стандардот на луѓето.