Во околината на разрушениот планинарски дом „Бреза“, што се наоѓа на планината Голешница, во месноста Бреза, преку ноќ се постави објект. За ова реагираат планинари рекреативци кои изминатиот викенд биле на прошетка до ова некогаш омилено излетничко место за велешани. Тоа со години е напуштено.
„На наше големо изненадување пред домот има некаков објект. Дошол некој и го поставил. Дури и патот кој до лани есента беше во очајна состојба, е поправен, проширен, тампониран, сега со кола може да се стигне до домот. Потребно е локалната власт бргу и енергично да реагира, да не се случи да се појават и други вакви објекти. Сепак тоа е општествено земјиште, а не е приватна сопственост,“ велат рекреативците кои деновиве го посетиле домот.
Тој е напуштен и руиниран по воениот конфликт од 2001. Оттогаш нема посетители, а во домот се чуваа коњи и служеше како штала. На влезот од зградата на таблата се гледаат дупките од куршуми, бидејќи некому му служела како мета.
Градоначалникот Аце Коцевски вели дека веќе бил запознаен за овој случај, го информирале од велешката полиција и биле преземени одредени активности.
„Се работи за нелегални дејствија на поединци. Пред објектот на домот е дивопоставен објект, надлежната инспекција ќе излезе на лице место и ќе издаде решенија за негово отстранување. Патот е проширен и поправан во таа функција, дури некој се потрудил да обезбеди тампон за патот и нафта за возилата. На крајот излезе дека е правено сето тоа од лични, лукративни причини, оти некој поединец си правел куќа, а друг потрчал да му го поправи патот“, изјави градоначалникот Коцевски.
„Бреза“ има вода, струја, инфраструктура, се наоѓа на само 30 минути од Велес на надморска височина од 1.200 метри. Од таму се пружа прекрасен поглед кон Скопје, аеродромот Петровец, Овче Поле, рафинерија Окта, Велес и Езерото Младост. Изграден е 1954 и со него управуваше Планинарското друштво „Солунска глава“.
П. ПЕЧКОВ