Исклучителното модернистичко наследство од територијата на поранешна Југославија е претставено на во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк, на изложбата „Кон бетонската утопија: Архитектурата во Југославија 1948-1980“, што се отвори вчера. Изложбата е првото обемно претставување на оваа архитектонска продукција во една од најреномираните светски културни институции.
Дел од поставаката се и оригиналната макета од конкурсниот проект за градскиот центар на Скопје на Кензо Танге и неговиот тим и макетата од Културниот центар на Биро 71, потоа оригинални цртежи и скици од работата на Кензо Танге во Скопје, како и бројни оригинални цртежи и дел од проектната документација на Градскиот архив и Студентскиот дом „Гоце Делчев“ на архитект Георги Константиновски, Телекомуникацискиот центар на Јанко Константинов, Управата за хидрометеоролошки работи на Крсто Тодоровски, Музејот на Македонија на Мимоза Несторова -Томиќ и Кирил Муратовски, извадоци од проектната документација за Културниот центар на Биро 71, Универзитетскиот комплекс на Марко Мушиќ.
Покрај материјалот за Скопје, во делот во кои се претставени спомениците од територијата на поранешна Југославија е презентиран оригинален материјал за споменикот Илинден во Крушево, на Искра и Јордан Грабул.
Главен куратор на изложбата „Кон бетонската утопија: Архитектурата во Југославија 1948-1980“ е швајцарскиот архитект Мартино Стиерли, раководител на одделот Филип Џонсон за архитектура и дизајн во МоМА, кокуратор е Владимир Кулиќ и Ана Катс како асистент-куратор.
Формирајќи таканареченo кураторско советодавно тело, од МоМА беа поканети десетина истражувачи од регионот, кои веќе со години се занимаваат со собирање, истражување, толкување, вреднување, а во некои случаи и извлекување од заборавот на вредните архитектонски реализации и нивната документација.
Од Македонија, членови на кураторското советодавно тело на истражувањето и изложбата беа архитектите Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и Јован Ивановски.
„Поаѓајќи од хипотезата дека Југословенската повоена архитектура не само што не е периферна, туку е во самата суштина на модернистичкиот проект, главните куратори вниманието го насочуваат на подрачје и тема која со децении се наоѓа вон интересот на западната историја на архитектура, во таа смисла недоволно истражена, „егзотична“ и речиси непозната, подеднакво за општата, но и за стручната архитектонска јавност вон границите на поранешна Југославија и нејзината непосредна околина. Истражувачкиот проект „Кон бетонската утопија: Архитектурата во Југославија 1948-1980“ е навраќање на архитектурата на територијата на Југославија низ читањето на една нова генерација на архитекти, историчари на архитектура и уметници кои имаат за цел критички да го обноват нејзиниот наратив“, велат кураторите.
„Во рамките на изложбата поставена во МоМА, темата на Скопје и неговата постземјотресна обнова зазема значајно место, како во однос на обемот, така и во однос на позицијата во рамки на поставката. Катастрофата во Скопје во 1963, меѓународната солидарност и помош по земјотресот, инволвирањето на ООН во координирање на процесот на обнова, како и улогата на Кензо Танге во планирањето на центарот на градот е наратив кој е веќе делумно познат и интересен за меѓународната публика“, велат македонските архитекти во МоМА.