ИЗГРАДБАТА НА НОВИОТ ТЕАТАР ВО ТЕТОВО ЧИНИ 13.5 МИЛИОНИ ЕВРА, А ЗА ЕНТЕРИЕРОТ ЌЕ ТРЕБААТ УШТЕ 26 МИЛИОНИ ЕВРА

    ИЗГРАДБАТА НА НОВИОТ ТЕАТАР ВО ТЕТОВО ЧИНИ 13.5 МИЛИОНИ ЕВРА, А ЗА ЕНТЕРИЕРОТ ЌЕ ТРЕБААТ УШТЕ 26 МИЛИОНИ ЕВРАДиректорот на Центарот за култура, Хаки Фазлиу вели дека во новиот театар ќе биде вградена најсовремена сценска и ентериерна опрема, осветлување какво досега немало во Македонија па затоа се очекува и цената на опремувањето да биде толку висока (Фото: СДК.МК)

    Пред четири години на просторот веднаш до Центарoт за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово започна со градба новиот повеќенаменски објект во кој е предвидено да има театар, библиотека со читални и кино сала.

    Објектот беше најавуван како најзначајна инвестиција од областа на културата во градот и се ветуваше дека неговата градба ќе биде завршена во рекорден рок. Но, поради нерешени имотно правни односи, работите две години беа стопирани за во 2016 година да се продолжи во градбата.

    „Согласно договорот што го имаме со изведувачот, објектот треба да се изгради до фаза карабина и да се затвори со фасада. Според проценките за оваа фаза изградбата ќе чини околу 13,5 милиони евра и очекуваме да биде завршена до крајот на оваа година. При градбата, од страна на изведувачот било побарано да се направи промена на основниот проект и оваа промена била одобрена од надлежните служби на Министерството за култура со анекс договор“, изјави министерот за култура Асаф Адеми кој го посети објектот за да се запознае со интензитетот на градбата.

    Центарот за култура од година во година пропаѓа (Фото: СДК.МК)

    Со анекс договорот, поради ограничените средства за градба, површината на објектот била намалена за 10.000 квадратни метри со што тој меѓу другото бил намален за еден кат.

    „Сега се работи на подготовка на основниот проект за внатрешно уредување. Се надеваме дека наредната година ќе биде отворен и јавниот повик за внатрешно уредување на објектот и мислиме дека ќе има потреба за неколку годишно финансиско планирање. Внатрешното уредување секогаш носи повисоки финансиски импликации бидејќи овде се работи за проект, односно објект кој ќе биде еден од најмодерните во Македонија“, рече министерот Адеми, без да каже колку ќе чини внатрешното уредување на објектот.

    Според директорот на Центарот за култура на Тетово Хаки Фазлиу, проценките се дека внатрешното опремување на овој објект ќе изнесува околу 26 милиони евра.

    „Во него ќе биде вградена најсовремена сценска и ентериерна опрема, осветлување какво досега немало во Македонија па затоа се очекува и цената на опремувањето да биде толку висока. Освен тоа овде станува збор за опремување не само на театарот туку и на киното и библиотеката кои ќе бидат во состав на овој мултифункционален објект“ , вели директорот Фазлиу.

    Министерот за култура Асаф Адеми со директорот на Центарот за култура, Хаки Фазлиу (Фото: СДК.МК)

    И додека новиот објект интензивно се гради на само неколку метри од него Центарот за култура од година во година пропаѓа бидејќи не добива пари од Министерството за негова обнова.

    „Според годишниот план за инвестиции за оваа година не беа предвидени никакви средства за овој објект но ќе очекуваме од страна на дирекцијата на Центарот да ни достави барање и тие средства да бидат предвидени за наредната година“, кусо одговори министерот Адеми.

    „Најнеопходно ни е да се реновираат тоалетите бидејќи не е во ред еден ваков објект да нема ниту еден функцинален тоалет. На постоечките по целата вертикала до анексот Ц неопходно е целосно реновирање бидејќи цевките се дотраени и течат од сите страни. Во Центарот нѝ доаѓаат и приредуваат концерти светски пеачки имиња, ете пред некој месец овде пееше светки познатата оперска дива Ивна Мула а ние немаме ниту еден пристоен тоалет за ваква намена и така се срамиме пред гостите. Исто така неопходно е да се извршат работи за да се создаде енергетска ефикасност на објектот посебно во делот на промена на постоечките прозорци кои се стари и не функционални. Сега струјата што во зима ја трошиме за загревање за само 5 години ќе го отплати инвестирањето во енергетската ефикасност на објектот. Неколку години конкурираме со овој проект но не ни го прифаќаат од Министерството а обврзани сме со законот за енергетска ефикасност да го направиме тоа. Навистина моменталната состојба во крајно лоша“, вели Хаки Фазлиу.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира