Водата на вештачка акумулација „Младост“, која велешани и гостите од Скопје и Свети Николе ја користат за капење и рекреација, е исправна, покажале резултатите од испитувањата кои ги извршиле стручните лица од ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес. Квалитетот на водата од езерото Младост е анализирана од пет места, локации кои се најчесто користени, Градска плажа 1 и 2, плажата близу хотел „Панини“, плажата хотел „Романтик“ и плажата „Мотел на Велешко“.
„Од прикажаните резултати добиени од извршените анализи може да се заклучи дека водите на акумулацијата по најголем број на испитани параметри ја задоволуваат бараната 1-2 класа, освен по однос на матност, сатурација и сув остаток на филтрирана вода, кои немаат штетно влијание врз здравјето на луѓето. Затоа водата од Езерото може да се користи за рекреација на луѓето и наводнување“, стои во писмениот извештај на Центарот за јавно здравје Велес, кој се разгледуваше на седница на Советот на Општина Велес.
Граѓаните на Велес и околината во летниот период го користат езерото Младост за рекреација, но плажите не се санитарно-хигиенски уредени, немаат вода за пиење, ниту канализација и санитарни јазли.
„Сè поголемиот притисок врз просторот на акумулацијата ‘Младост‘ ја наметнува потребата од организирано управување на Езерото, од преземање неопходни, итни мерки во кои ќе бидат вградени еколошки, санитарно- хигиенски норми и законитости“, пишува во годишниот извештај на Центарот за јавно здравје.
Стручните лица од Центарот посочуваат дека е потребно санирање на крајбрежниот појас на Езерото, санитарно-хигиенско уредување на околината, поставување канализациона мрежа, јавни чешми, јавни тоалети и правилно отстранување на цврстиот отпад.
П. ПЕЧКОВ