Асфалтот со кој се крпат дупките и се асфалтираат улиците низ Скопје се прави во асфалтната база на ЈП„Улици и патишта“ која е стара 50 години.
Базата која се наоѓа во кругот на „Железара“ е направена во 1968 година и оттогаш поставен е само нов филтер и нова командна станица. Освен што е најстара според капацитетот е најоптоварена и годишно се прават околу 20.000 тони асфалт.
Директорот на ЈП„Улици и патишта“ Сенко Смаиловиќ вели дека за да биде претпријатието конкурентно на пазарот потребно е нова асфалтна база.
„Тенденција е за две година да добиеме нова асфалтна база која ќе работи на гас. Постојната работи на нафта. Една поволна асфалтна база чини од 500.000 до 800.000 евра. Претпријатието без помош од буџетот на Град Скопје не може сам да обезбеди средства за таква инвестиција. Но тоа е потребно за да може што повеќе општински и градски улици наместо приватни фирми ги реконструираа ЈП’Улици и патишта‘“, вели Смаиловиќ.
Во „Железара“ на просторот каде се наоѓа асфалтната база од пред две години е префрлена и целата механизација на јавното претпријатие. Таа се наоѓаше во населбата Кисела Вода, но тој простор беше расчистен заради изградба на кружниот тек. Камионите со кои располага претпријатието исто така се стари по 50 години, секојдневно се расипуваат, а оние пак неколку нови нема кој да ги сервисира.
„Финишерот е купен лани, уште е под гаранција. Се расипа и сега нема кој да го сервисира оти од фирмата од која според договорот треба да го прави тоа никој не одговара на нашите повици и писмени дописи. Се јавивме и дирекно кај производителот, но џабе. И ете сега нов, стои, не може да се користи“, велат работниците на асфалтната база.
Тие ни раскажаа дека сè е што е направено за обезбедување и чување на механизација откако се преселени во Железара го направиле тие. Просторот каде ги поправаат возилата самите го изградиле, а дури оваа зима добиле контејнери каде може да се стоплат.
„Нема ниту тоалет, во моментов го градиме. Направен е проект и наскоро ќе се почне со изградба на објект каде ќе се вршат поправките на механизацијата, а со тоа и материјалите кои се користат за правење на асфалтот ќе биде соодветно заштитени. Сега просторот е покриен само со лим и кога врне, вода тече од сите страни. Добивме 4 возила од Агенцијата за запленет имот, кои сега ќе ги адаптираме според потребите“, вели Смаиловиќ.
А. АНТЕВСКА