ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВ БАРА КОСОПСТВЕНИЦИТЕ НА НЕГОВИТЕ ФИРМИ ДА НЕ ГО ПРИМАТ ГРАНТОТ ОД ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ И ДА ГИ ПОВЛЕЧАТ АПЛИКАЦИИТЕ

    ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВ БАРА КОСОПСТВЕНИЦИТЕ НА НЕГОВИТЕ ФИРМИ ДА НЕ ГО ПРИМАТ ГРАНТОТ ОД ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ И ДА ГИ ПОВЛЕЧАТ АПЛИКАЦИИТЕНа 13 јули Владата додели 10,5 милиони евра грант на 79 микро, мали и средни компании преку владините мерки за економски раст, а добитниците ги промовираа вицепремиерот Кочо Анѓушев и премиерот Зоран Заев (Фото: МИА)

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев ги повика косопствениците на неговите фирми да ја преиспитаат одлуката за аплицирање на мерките од Планот за економски раст и да се повлечат, пренесе државната агенција МИА. Од Фондот за иновации и технолошки развој 160.000 евра доби „Каст инвест“, компанија во која вицепремиерот Анѓушев е косопственик.

    На 13 јули Владата додели 10,5 милиони евра грант на 79 микро, мали и средни компании, преку владините мерки за економски раст. Грант од 162.000 евра доби и прилепската печатница „Гинис“ чиј косопственик е пратеникот и член на Извршниот одбор на СДСМ Хари Локвенец, кој денеска исто така побара да го вратат. На конкурсот се пријавиле 236 компании, а самиот Анѓушев ги промовираше добитниците при доделувањето на грантовите.

    „Јас не можам да бидам пречка и да го сопрам тоа и да влијаам врз одлуките што ги носат доминатните сопственици. Не гледам причина зошто вработените во компаниите во кои имам удел, поради мојата функција треба да бидат дискриминирани. Сепак поради настанатата ерозија на вредностите и искривента перцепција која се има акумулирано во последните 10 години во услови на нетранспарентно управување и владеење јавноста е разбирливо сензитивна. Со оглед на тоа ги повикав моите колеги косопственици да ја преиспитаат одлуката за аплицирање на мерките од Планот за економски раст и да се повлечат“, изјави Анѓушев за МИА и нагласи дека е делумно сопственик на повеќе фирми во Македонија кои вработуваат вкупно над 1.000 луѓе, и дека се равиваат согласно пазарните услови и треба да имаат фер третман.

    Пратеникот Локвенец денеска за 1ТВ изјави дека ги повикал содружниците да се откажат од грантот.

    „Ги повикав содружниците да се откажат од грантот од Фондот за иновации од 160.000 евра. Морам да потенцирам две работи. Прво дека никогаш не сум учествувал во раководењето на фирмата, а акционер сум од 2000-та година. Второ имам друга фирма на исто име и иста жиро сметка, фирма која ја имаше во бомбите, која беше наменски казнувана цел тој период. Мора да потенцирам дека во оваа држава мораме да ја градиме довербата во институциите и само така ќе ја изградиме европска Македонија за која сите сонуваме“, изјави Локвенец.

    Со оглед дека новот состав на Антикорпциската комисија уште не е избран откако во март членовите си поднесоа оставки, нема кој да испита и да утврди дали во овој случај има конфликт на интереси.

    Фондот за иновации и технолошки развој денеска соопшти дека целосно стои зад процедурата и транспарентниот начин на кој е спроведен првиот јавен повик од Столб 3 на Планот за економски раст на владата.

    „Ги поздравуваме сите повици да се испита работата на Фондот и ги повикуваме сите надлежни органи да го сторат тоа неодложно.  Би сакале да потенцираме дека Фондот ни досега, ниту во иднина, вршел или ќе врши дискриминација на компаниите по било која основа. Компаниите се оценуваат единствено според квалитетот на понудените проекти и придобивките од нив. Истовремено Фондот нема мандат, ниту обврска да врши анализа на сопственичкиот капитал на компаниите кои аплицираат, ниту да врши проценка на нивната политичка подобност“, се вели во соопштението од Фондот.

    Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски вчера изјави дека сопственичката структура не е меѓу критериумите при одлучувањето и дека изборот на проектите е транспарентен и го прават стручни надворешни соработници, а не тој. На доделувањето на грантовите на 13 јули, Деспотовски рече дека зад секој 1,4 денар инвестиција од државата, приватната компанија инвестира денар.

    „Навистина видовме добри проекти. Имаме ИТ компании, но и од други сектори. Шеесет проценти се од Скопје и 40 отсто од компании се од внатрешноста на државата“, рече Деспотовски.

    Премиерот Зоран Заев на доделувањето на грантовите рече дека Владата еднакво ги помага и странските и домашните компании и оти остануваат нивен партнер и сервис во реализацијата на нивните економски планови.

    По реакциите во јавноста за овој случај, како и за тендерот од 35 милиони евра за набавка на реагенси за крвни анализи на Министерството за здравство на кој се пријавила само една фирма која не се открива, денеска се огласи и Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово и член на Извршниот одбор на СДСМ.

    На својот фејсбук профил Димитриевски напиша: „Ниту јас, ниту премиерот Заев, ниту сопартијците, симпатизерите и сограѓаните, уривавме режим, криминал, беззаконие, корупција, за да на сите нас ни се случува дежа ву. Доколку и 1 промил од овие тешки обвинувања за тендерите, грантовите… е точен, мораме да се свртиме кон нас самите, и јавно да ги осудиме и корегираме овие девијантни однесувања! #ЖивотЗаСите нема да дозволиме да биде живот за некого или живот за мене бидејќи така многу лесно ќе преминеме на ‘темната страна’. Политиката е како атлетика, штафета 4х100. Само еден од тимот да е послаб или немотивиран, целиот тим губи. Јас не сакам ниту ќе дозволам да губи мојот тим – граѓаните на Македонија!“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира