Северниот дел на Атина денеска го погодија поплави како последица на обилни врнежи, додека регионот сè уште се справува со пожарите, во кои загинаа повеќе од 80 луѓе, а десетици се водат како исчезнати.
Пожарникарските служби објавија дека примиле десетици повици за помош од возачи заглавени во своите автомобили, откако улиците се претворија во реки во населбите Маруси и Екали.
Малку дожд падна и во реонот на селото Мати, кое беше целосно уништено во неодамнешните пожари.
Министерот за одбрана Панос Каменос изјави дека војската била повикана на помош за да расчисти улици и канали, но сообраќајот за кратко време бил нормализиран.