БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА СО 80 НОВИ ВРАБОТУВАЊА И МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА ШТО ЌЕ РАБОТИ 24 ЧАСА

    БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА СО 80 НОВИ ВРАБОТУВАЊА И МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА ШТО ЌЕ РАБОТИ 24 ЧАСАОд Нова година, со оглед на тоа што болницата за дополнителни места нема да има свои средства, ќе определиме средства од буџетот за да се вработат уште 100 луѓе од кои најмногу доктори и медицински сестри“, најави во Битола министерот за здравство Венко Филипче (Фото: СДК.МК)

    Клиничката болница во Битола по долго време кадровски се освежи со 80 нови вработувања, од кои 30 лекари и останат медицински персонал, а само мал дел немедицински кадар, рече министерот за здравство Венко Филипче кој денес беше во обиколка на болницата.

    „Сметаме дека кадарот треба многу да се зајакне, треба тоа да им го понудиме на нашите млади доктори со цел да останат и да се едуцираат во нашата земја. Со оглед на тоа дека интересот е многу поголем од понудените места, разговаравме да се побараат уште дополнителни места пред сѐ за доктори и тоа ќе го направиме во следниот месец, а до Нова година со оглед на тоа што болницата за дополнителни места нема да има свои средства, ќе определиме средства од буџетот за да се вработат уште 100 луѓе од кои најмногу доктори и медицински сестри“, рече Филипче.

    Тој најави дека Битолската болница ќе биде пилот-проект, каде од 10 август магнетната резонанца ќе работи 24 часа за да се намалат листите на чекање со пациенти.

    „Има доволен број на радиолошки техничари кои можат да ја опслужат таа служба во период од 24 часа, вклучувајќи ги и викендите, и очекувам дека така листата на чекање значајно ќе се намали. Ако тоа покаже резултати, а е модел имплементиран во Загреб, Хрватска, каде листи на чекање практично снемало, тоа ќе го имплементираме и на други места во државата. Ќе направиме регионални центри каде ќе има таква услуга 24 часа. Треба да ги средиме административните работи во однос на закажувањето и Битолската болница ќе биде прва во државата каде термини за магнетна резонаца ќе се закажуваат во тек на 24 часа секој ден“, рече министерот.

    Тој додаде дека при крај е изградбата и инсталацијата на линеарниот акцелератор со што за првпат во југо-западниот дел од Македонија пациентите ќе добијат зрачна терапија и не ќе мора да патуваат во Скопје. Ќе се вработат потребни кадри и најави дека следните месеци центарот ќе проработи.

    Запрашан дали ги откриле причините за последните случаи на смртност кај родилките, рече дека според првичните информации, нема знаци дека станува збор за грешка, но ќе ги почекаат наодите од формираните комисии и од обдукцијата.

    „Последните случаи ги испитуваме, испитуваме што се причините, не би сакал да прејудицирам кои се вистинските причини додека дефинитивните извештаи и наоди не излезат, засега од првичните информации што ги добивме од интервјуата и разговорите со сите лица вклучени во процесот на породување и менаџерите на болниците, нема знаци дека станува збор за грешка, но ќе ги почекаме наодите од формираните комисии и обдукционите наоди“, рече министерот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира