ЗА ИЛИНДЕН ЗАЕВ ВО ПЕЛИНЦЕ, ИВАНОВ НА МЕЧКИН КАМЕН, МИЦКОСКИ ВО ТАШМАРУНИШТА

    ЗА ИЛИНДЕН ЗАЕВ ВО ПЕЛИНЦЕ, ИВАНОВ НА МЕЧКИН КАМЕН, МИЦКОСКИ ВО ТАШМАРУНИШТАОд ВМРО-ДПМНЕ, неофицијално, велат дека на прославата на Мечкин Камен ќе оди висока партиска делегација. Официјално не кажуваат каде ќе биде лидерот Христијан Мицкоски. Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, говор ќе има во кумановско Пелинце, a претседателот Ѓорге Иванов ќе биде во Крушево (Фото:СДК.МК)

    Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема да оди на прославата на државниот празник Илинден во Крушево, туку за празникот ќе присуствува на традиционалниот народен собир во струшкото село Ташмаруништа, велат извори од партијата за САКАМДАКАЖАМ.МК. Таму традиционално ќе се одржи 70. Културна манифестација Илинден со која се прославува државниот празник на 2 август.

    Од ВМРО-ДПМНЕ, неофицијално, велат дека на прославата на Мечкин Камен ќе оди висока партиска делегација. Официјално, не кажуваат каде ќе биде лидерот на опозицијата Мицкоски.

    Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, говор ќе има во кумановско Пелинце.

    На прославата на Илинден во Крушево, каде обраќање ќе има претседателот на државата Ѓорге Иванов, ќе присуствува и Метју Палмер, в.д. заменик-помошник на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија. Високиот американски дипломат Палмер ќе престојува во Македонија до 3 август за да ја искаже поддршката на САД за Договорот од Преспа што земјата го постигна со Грција, како и за прогресот на земјата кон членството во НАТО и во ЕУ.

    Највисоките партиски органи на ВМРО-ДПМНЕ ќе заседаваат по државниот празник Илинден за утврдување на официјалниот став дали ќе го бојкотираат или ќе учествуваат на референдумот закажан за 30 септември. Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, вчера изјави дека во наредните денови ќе биде донесен официјален партиски став.

    „По донесување на официјален став на раководството на партијата јавноста ќе биде информирана. Тоа ќе биде во наредните денови“, рече Јанушев.

    За повиците за бојкот на референдумот на дел од сопартијците, тој рече дека тоа е демократско право. Јанушев не одговори и на новинарското прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати уставни измени доколку биде референдумот успешен односно ако биде постигнат цензусот од 50 отсто плус еден и мнозинството граѓани гласаат „за“.

    „Да бевме СДСМ ќе се нафатевме да одговараме на хипотетички прашање, но не сме. Да почекаме како ќе се одвиваат работите“, кажа Јанушев.

    Премиерот Зоран Заев, по изгласувањето на одлуката за референдум од Собранието, вчера ги повика граѓаните да излезат на претстојниот референдум бидејќи, како што кажа, тоа е нивна обврска. Заев верува дека цензусот ќе биде исполнет, но ако граѓаните решат да останат дома, во тој случај, тие ја пренесуваат одлуката на институциите.

    „Ако граѓаните заклучат дека прашањето им е тешко и дека не се доволно информирани, може да одлучат и да останат дома, без разлика на политичките партии. Во таков случај тие ја пренесуваат одлуката на институциите. Не сакам да помислам што ако не биде исполнет цензусот. Апелирам граѓаните сериозно да го сфатат процесот. Не размислувам за неуспешен референдум, за неисполнет цензус. Уверен сум дека повеќе од 50 отсто од граѓаните ќе излезат и голем број ќе гласаат за евроатланска иднина на земјата“, рече Заев.

    Премиерот Заев потенцираше дека нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да ја држи земјата во заложништво и дека со години барале референдум за прашањето за името, а сега кој тој е распишан срамно го напуштиле Собранието и бегаат од одговорност.

    Претседателот на Собранието Талат Џафери на редовниот брифинг со новинарите, вчера рече дека е оптимист оти ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе гласа за уставни промени ако има излезност на референдумот за името, ако тој успее и граѓаните се изјаснат за членство на Република Северна Македонија во ЕУ и НАТО.

    „Јас не сум чул изјава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе прави блокада во Собранието и оти нема да гласа за уставни промени ако на референдумот има цензус, ако е успешен и ако граѓаните се изјаснат позитивно на поставеното прашање. Напротив, тие такво нешто не кажале, туку обратно“, рече Џафери.

    Собранието завчера со 68 гласови „за“ ја донесе одлуката за распишување референдум за името на 30 септември, а ќе се одговара на прашањето „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира