ВАРДАР, ТОПОЛКА И БАБУНА КАЈ ВЕЛЕС СЕ БАКТЕРИОЛОШКИ ЗАГАДЕНИ И НЕ СЕ ЗА КАПЕЊЕ, ВЕЛАТ ОД ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    ВАРДАР, ТОПОЛКА И БАБУНА КАЈ ВЕЛЕС СЕ БАКТЕРИОЛОШКИ ЗАГАДЕНИ И НЕ СЕ ЗА КАПЕЊЕ, ВЕЛАТ ОД ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕОд Центарот за јавно здравје Велес велат дека квалитетот на водата во реката Тополка не го мерат, бидејќи според степенот на загаденост одамна е во трета категорија на води, кои не се препорачуваат за капење (Фото: СДК.МК)

    Квалитетот на водата во реката Тополка не се мери, Вардар низ Велес е четврта категорија, односно не е ниту за полевање ниту за напојување на добитокот. Реката Бабуна во долниот тек, омиленото рекреативно место на велешани, според информациите од Центарот за јавно здравје Велес не е веќе за капење.

    „Водата на реката Бабуна, според земени мостри од прва плажа е бактериолошки загадена и е од трета категорија. Затоа не се препорачува за капење. Причина за тоа е блиската населба, големиот број куќи, од каде преку септичките јами, свињарските фарми се загадува водата“, вели д-р Снежана Петрова, специјалист по хигиена во центарот за јавно здравје Велес.

    Водата на реката Вардар од влезот во Велес, кај мостот на Башино село се до излезот од Велес кај Долни дуќани, каде се мери квалитетот е во четврта категорија и е забранета за капење, но и за наводнување и полевање. Д-р Петрова вели дека и реката Тополка е загадена.

    „Квалитетот на водата на реката Тополка не го мериме, бидејќи одамна е трета категорија и не е исправна за капење“, рече д-р Петрова.

    Според анализите што тие ги работат за капење и рекреација исправна е водата на езерото Младост и сите три базени од хотелите во околината на градот.

    Д-р Петрова рече дека водата на езеро Младост се испитува на пет места, трите плажи на влезот во правец од Велес, пред хотелот Романтик и мотелот ,,Бела вода,, при што уредени се само последните две плажи.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира