НЕМА ДА СЕ ГРАДАТ 60-КАТНИЦИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ

    НЕМА ДА СЕ ГРАДАТ 60-КАТНИЦИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ„Акционерското друштво не може да гради 60-катници оти нема градежна дозвола ниту ќе добие за објекти со толкава висина. Во моментов работиме на плановите и тука имаме чиста ситуација, на овој простор нема издадено градежна дозвола што значи може да се намали катноста“, вели Богдановиќ по изјавите на Трајковски. (Фото: МИА)

    Нема шанси да се градат три 60-катници на паркингот кај „Холидеј ин“, како што вели директорот на АД за стопанисување и изградба на станбен и деловен простор (АДСДП) Кристијан Трајковски, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

    Директорот Трајковски денеска во интервју за МИА изјави дека во наредниот период со јавно-приватно партнерство планираат изградба на повеќе станбени и деловни објекти меѓу кои и висококатниците во центарот на градот.

    „На паркингот кај ’Холидеј ин‘ со ДУП-от се предвидени три 60-катници за кои сметам дека се идеална локација за современ бизнис центар, што му е потребен на Скопје“, најави Трајковски.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, по ваквите изјави на Трајковски вели дека 60-катниците нема да се градат бидејќи тој Детален урбанистички план во моментов како и останатите планови е под мораториум, односно се вршат измени со кои ќе биде намалена катноста на објектите кои се предвидени на тој простор.

    „Акционерското друштво не може да гради 60-катници оти нема градежна дозвола ниту ќе добие за објекти со толкава висина. Во моментов работиме на плановите и тука имаме чиста ситуација, на овој простор нема издадено градежна дозвола што значи може да се намали катноста. Со цел да овозможиме хумани услови на жителите на Центар тоа ќе го направиме“, вели Богдановиќ.

    Планот со кој се предвидува изградба на висококатници спроти „Холидеј ин“ беше донесен на Советот на Општина Центар на 21 јуни 2007 година, со кој се предвидува максималната висина на објектите да е до 300 метри. Планот беше донесен по барање на тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ за да може да го реализираат таканаречениот проект „Менхетн“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира