Попладне во касарната „Илинден“ ќе се врши артилериска стрелба, по повод одбележување на Денот на Армијата – 18 Август. Од 15 до 18 часот како што информираат од Министерството за одбрана ќе се врши пробна артилериска стрелба со еден истрел од шест артилериски орудија, а во 19 часот ќе се изврши почесната артилериска стрелба, со 10 плотуни од артилериски орудија.
И градот Скопје на својата официјална фајсбук страница ја информираше јавноста за гаѓањето за да не се вознемируваат граѓаните.
На централното одбележување пред зградата на Министерството за одбрана и Генералштабот ќе говорат претседателот на државата и Врховен командант на АРМ, Ѓорге Иванов и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
На свеченоста, претседателот Иванов, со Орден за воени заслуги ќе ги одликува Првиот механизиран пешадиски баталјон од Првата механизирана пешадиска брига, како и Баталјонот за врски. Исто така, ќе се изврши унапредување на старешини и врачување на плакети, значки и благодарници на организации и поединци.