Серена Вилијамс дознала дека убиецот на нејзината полусестра е пуштен на условна слобода само неколку минути пред почетокот на мечот со Џоана Конта, на кој таа го доживеа најтешкиот пораз во кариерата.
Британката ја прегази Серена со 6:1, 6:0 во првото коло на турнирот во Сан Хозе минатиот месец и таа сега откри на што се должи тоа.
„Не можев да го исфрлам тоа од мислите“, изјави Серена.
Нејзината постара полусестра Јетунда Прајс (31) беше застрелана во Комптон во 2003 година, за што Роберт Максфилд беше осуден на 15 години затвор во април 2006 година. Серена беше присутна кога се изрекуваше пресудата.
„Без разлика на сѐ, мојата сестра нема да се врати поради доброто однесување“, иронично кажа Серена за магазинот „Тајм“ и додаде:
„Не е фер, бидејќи веќе никогаш нема да имам можност да ја гушнам. Тешко е, затоа што цело време мислам на нејзините две деца, кои многу ги сакам“.