Новак Ѓоковиќ го освои еден од ретките големи трофеи што му недостигаше во кариерата, откако го совлада Роже Федерер со 6:4, 6:4 во финалето на Мастерс турнирот во Синсинати.
Српскиот тенисер со тоа стигна до бројката од 31 освоен турнир од Мастерс серијата, но истовремено стана првиот играч со Голден Мастерс. Откако е воспоставен сегашниот систем во 1990 година, Ѓоковиќ е првиот тенисер кој ги освоил сите девет турнири од Мастерс серијата, откако претходно пет пати губеше во финалето во Синсинати, последно во 2015 година.
„Му честитам на Новак на историјата. Навистина е неверојатно ова што го постигна денеска“, кажа Федерер.
Ова беше 46. меѓусебен дуел на двајцата големи тенисери и Ѓоковиќ има две победи повеќе (24:22).