МЕСТО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ, ГИ НАПУШТИВМЕ ДЕЦАТА, ВЕЛИ ПАПАТА ФРАЊО ЗА СЕКСУАЛНИТЕ ЗЛОУПОТРЕБИ ВО ЦРКВАТА

    МЕСТО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ, ГИ НАПУШТИВМЕ ДЕЦАТА, ВЕЛИ ПАПАТА ФРАЊО ЗА СЕКСУАЛНИТЕ ЗЛОУПОТРЕБИ ВО ЦРКВАТАПапата Фрањо ги нападна црковните лидери дека повеќе се грижат за нивниот углед отколку за безбедност на децата (Фото: АП)

    Папата Фрањо со писмо им се обрати на католиците низ целиот свет, во кое ги осуди сексуалните злоупотреби на деца од свештеници и прикривањето на ваквите случаи, барајќи да се преземе одговорност. Ова уследи откако во САД беа обелоденети огромен број случаи на злоупотреба на деца во последните неколку децении, за што се обвинети стотици свештени лица.

    Папата Фрањо молеше за прошка за болката што ја претрпеа жртвите и побара од католичките верници да помогнат во искоренувањето на злоупотребите и на прикривањата. Тој ги нападна црковните лидери дека повеќе се грижат за нивниот углед отколку за безбедност на децата.

    „Со срам и покајание, признаваме дека како црковна заедница не бевме таму каде што требаше да бидеме, дека не дејствувавме правовремено и не ги сфативме големината и тежината на штетата што беше направена на толку многу животи. Ние не покажавме грижа за најмладите, туку ги напуштивме“, вели Фрањо.

    Минатата недела, врховниот суд на Пенсилванија објави извештај во кој откри дека над 300 деца биле жртви на сексуално искористување од страна на илјада свештени лица во последните 70 години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира