Плоштадот Македонија е крваво црвен во знак на сеќавање на убиството на Мартин Нешковски, симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ кој пред пет години токму на тоа место беше крвнички претепан од полицијата за време на прославата на изборната победа на неговата партија.
Шарените револуционери го обоија цел плоштад во црвена боја откако пред тоа со боја ја гаѓаа и Владата. Црвена е и водата во фонтаната на Александар Македонски.
По повлекувањето на аболицијата за сите 56 лица кои претседателот Иванов ги помилува на 12 април, Шарената револуција вечерва побара оставка на актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и формирање преодна влада. Таа ги испорача своите барања за кои на власта и даде рок до 18 јуни и најави блокади на клучните раскрсници во Скопје од среда.
Тие вечерва го пробија кордонот полиција што не им дозволуваше пристап до Владата уште од раскрсницата кај Соборниот храм. Дојде до мало кошкање со полицајците, а дел од демонстрантите се обидоа околу зградите да стигнат до Владата. На платото помеѓу кулите на Градскиот ѕид дојде до брканица со полицијата, а помал инцидент репортерите на СДК.МК забележаа зад црквата Свети Климент Охридски.
Меѓу демонстрантите беа и лидерите на повеќе опозициски партии предводени од лидерот на СДСМ Зоран Заев.