НАЈСТАРАТА ЖИВА ЕВРЕЈКА ОД БИТОЛА СЕ СПАСИЛА ОД ТРЕБЛИНКА СКРИЕНА ВО БАГАЖНИКОТ ОД КОЛАТА НА АЛБАНСКИОТ КОНЗУЛ

    НАЈСТАРАТА ЖИВА ЕВРЕЈКА ОД БИТОЛА СЕ СПАСИЛА ОД ТРЕБЛИНКА СКРИЕНА ВО БАГАЖНИКОТ ОД КОЛАТА НА АЛБАНСКИОТ КОНЗУЛРашел Нахмијас, која денес има 101 година, е роднина на ладино пејачката Сара Ароести (лево) и нивните семејства на почетокот на 20 век заедно живееле во куќата каде сега е пицеријата „Равена“ и каде е Регионалната концеларија на синдикатите на Македонија. Ароести донесе врамена стара фотографија од семејството Нахмијас и им ја подари на сопствениците на пицеријата (Фото: СДК.МК)

    Најстарата жива Еврејка од Битола, Рашел Нахмијас која денес има 101 година, депортацијата во нацистичките концентрациони логори во 1943 ја преживеала сокриена во багажникот од автомобилот на албанскиот конзул во Битола. Денес таа живее во Бостон, САД и веќе не може да патува за го посети родното место. Но, нејзината животна приказна ја раскажа нејзината роднина, реномираната американска ладино пејачка Сара Ароести, која исто така има битолско потекло и во Битола деновиве одржа концерт.

    Рашел Нахмијас (лево) и Сара Ароести (Фото: Бабам Битола)

    Семејството на пејачката Ароести и она на Рашел на почетокот на 20 век заедно живееле во куќата каде денес се наоѓа пицеријата „Равена“ и каде е сместена Регионалната концеларија на синдикатите на Македонија.

    Ароести донесе врамена стара фотографија од семејството Нахмијас и им ја подари на битолчаните кои имаат пицерија во некогашната нивна семејна куќа. Целта е фотографијата да стои закачена на ѕидот и да сведочи за некогашните градски битолски фамилии и нивната историја.

    Семејството Нахмијас на почетокот на 20 век, Рашел е девојчето лево (Фото: СДК.МК)

    „Ден пред депортацијата, албанскиот конзул кој живеел во куќата на семејството Нахмијас, кое пак претходно го иселиле, дознал дека ќе се земат работоспособни мажи и жени, па ја известил Рашел дека е опасно за неа и дека можат да ја спасат. Ја пикнал во багажник од својот автомобил и на тој начин албанскиот конзул ја спасил, а останатите членови од семејството завршиле во Треблинка. Преживеал и нејзиниот брат Жак кој имал тргнато да се школува во Италија и бил вклучен во отпорот на партизаните“, вели Сара.

    Тогаш Рашел имала 26 години и спасувачите ја однеле во Албанија каде ја минала војната. Потоа заминала за Америка каде живее до денес.

    „Во октомври оваа година Рашел која живее во Бостон ќе наполни 101 година, порасна токму во оваа куќа на Широк Сокак. И кога ги виде фотографиите од минатата година што ги направивме на катот се потсети на скалиштето, на собите, на своето детство. Нашата идеја е да им пренесеме на посетителите дека вистински луѓе живееле во куќата, дека не било приказна и затоа им ја подаруваме оваа фотогрфија“, рече Ароести.

    Концертот на Ароести, во рамки на Битфест, беше повод во Битола да допатуваат и други потомци на еврејски семејства. Така, во градот на прадедовците се сретнаа братучеди од семејството Леви кое денес е распрскано низ Америка.

    Во Битола се сретнаа братучеди од семејството Леви кое денес е распрскано низ Америка (Фото: СДК.МК)

    „Нашето семејство разбра дека има роднини во Сантијаго де Чиле и Темуко во Чиле и отидовме во 1991 во Чиле за да се запознаеме. Тоа беше средба на преку 300 битолски Евреи во овие два града. Претседателот на заедницата на Евреите од Темуко изрази надеж дека можеби сите ќе се сретнат во стариот крај, во Битола“, рече Елен Маер од САД.

    Во роднинска врска со ова семејство е и познатиот битолски трговец Франко Челебон, кој живеел во куќа веднаш до денешниот Пионерски дом. Пред втората светска војна ги имал најголемите продавници за штофови и свира. Но, заедно со семејството биле депортирани и починале во озлогласениот логор Треблинка.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира