На 30 септември граѓаните ќе направат избор што ќе ја одреди иднината на вашата земја и тој избор ќе има последици за идните генерации. Ве повикувам да го искористите вашето демократско право и да гласате на претстојниот референдум, рече Кристијан Даниелсон, директорот на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија, на промоцијата на новата кампања на ЕУ канцеларијата во Скопје насловена „Замисли иднина заедно“.
Даниелсон им честиташе на премиерот и на македонските институции за постигнување на договорот со Грција за решавање на прашањето со името што, според него, го отвора патот на земјава кон Европа.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали на средбата со главната опозициска партија му го кажале нивниот став во врска со тоа дали ќе излезат на референдумот и ако не излезат кое е неговото мислење за нивното тактизирање за изјаснувањето за референдумот, Даниелсон рече „референдумот е од суштинска важност и прашањето кое е загатнато е од суштествена важност за идната евроатлантска патека за оваа земја“.
„Меѓународната заедница со добродојде го дочека резултатот од дискусиите меѓу Грција и оваа земја по тоа прашање. Тоа што е на масата сега во врска со тоа ако се усвои во целина ќе го отвори почетокот на преговорите за пристапување за оваа земја. Тоа е реалноста и другите услови кои треба да се исполнат. Важно е за граѓаните да ја искористат можноста која ја дава овој референдум за да го дадат својот глас, да бидат дел од одлучувањето за ова важно прашање, рече Даниелсон и појасни дека со опозицијата имале дискусии околу реформите, околу прашањето за името.
„Тие уште размислуваат за тоа каков ќе биде нивниот став во врска со референдумот на 30 септември“, додаде Даниелсон.
Евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар рече дека преку ЕУ фондови во изминатите 20 години се внесени една милијарда евра европски пари преку проекти што генерирале огромни резултати.