ВИКАА ЌЕ ТИ ГИ УБИЕМЕ ДЕЦАТА И ЌЕ ТИ ГИ ВЛЕЧЕМЕ ПО УЛИЦА, СВЕДОЧЕШЕ ДАМЈАН МАНЧЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО

    ВИКАА ЌЕ ТИ ГИ УБИЕМЕ ДЕЦАТА И ЌЕ ТИ ГИ ВЛЕЧЕМЕ ПО УЛИЦА, СВЕДОЧЕШЕ ДАМЈАН МАНЧЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТОМинистерот за информатичко општество и администрација Дамјан Мачевски денеска беше првиот сведок на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 (Фото: К. Попов)

    Видов лице кое носеше оружје во прес-центарот, тоа лице носеше црна маица со ознаки ХОС, без коса и со брада, сведочеше денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Мачевски на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, каде се обвинети 33 лица за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста. Манчевски рече дека лицето го носело оружјето во задниот дел од панталоните под маицата и во неколку наврати видел како лицето посегнува по оружјето.

    „Не го извади оружјето целосно но посегнуваше по него. Ова лице не беше толку активно како другите, не викаше, не се закануваше како останатите, туку цело време беше фокусиран кон Зоран Заев. Влезе заедно со групата со фантомки и цело време беше опкружен од нив”, рече во сведочењето Манчевски кој на 27 април лани беше пратеник во Собранието.

    Манчевски во сведочењето рече дека цело време откако толпата влегла во Собранието добивале закани дека ќе бидат убиени и биле удирани со сталаци од камери, мебел, комјутери, дршки од знамиња.

    „Јас бев удрен со бокс и ми беше скршен носот. Лично мене постојано ми се закануваа дури добивав и закани за моите деца. Експлицитно ми кажуваа што ќе им направат, викаа ќе ти ги убиеме децата и ќе ти ги влечеме по улица. Откако мислеа дека го убија Зијадин Села, рекоа сега е ред на Зоран Заев и на вас, и правеа од јажиња бесилки викајќи дека ќе не бесат на нив”, рече Манчевски.

    Тој кажа дека не е можно толпата случајно да влегла во Собранието оти тој и сега не може толку лесно да се снајде во објектот, а не некој што прв пат влегува толку лесно да го најде прес центарот.

    Денеска ќе сведочат и пратениците Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира