„Немојте да се карате, нервозата е лош советник“, ги смируваше обвинетиот за злосторничко здружување за масовното нелегално прислушување Сашо Мијалков обвинителката од СЈО Ленче Ристоска и неговиот адвокат Петар Василев. Тие влегоа во вербална расправија околу правото за приговор на воведен говор на обвинител, за кој Ристоска тврдеше дека во Законот за кривична постапка нема такво нешто.
По ова, обвинетите во „Тврдина-Таргет“ се изјаснија за вина.
„Не сум имал намера, волја ни свест дека правам кривично дело“, се изјасни Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на Мијалков.
„Не се чувствувам за виновен“, кратко по него рече Сашо Мијалков.
За невини се изјаснија и останатите обвинети Надица Николиќ, Владимир Варелов, Марјан Шумуликовски, Силвана Златкова, Васил Исакоски и Валентина Симоновска, сите актуелни вработени во УБК или неодамна пензионирани.
Следното рочиште е на 13 септември, со сослушување на сведоци на СЈО.
С. К. ДЕЛЕВСКА