Најмалку десет луѓе загинаа во налетот на тајфунот Џеби, најлошото невреме што ја погоди Јапонија во последните 25 години.
Џеби остави уништувачка трага зад себе во западниот дел на земјата, удирајќи и во големи градови, како Осака и Кјото и запре возови, бродови и преку 800 летови. Околу 3.000 патници ја поминале ноќта на аеродромот Кенсаи на вештачки остров во заливот Осака, по што биле евакуирани.
„Ова е суперсилна бура. Се надевам дека ќе можам да си одам дома“, изјави една туристка од Хонг Конг.
Засега нема најави дека аеродромот, кој има 400 летови на ден, повторно ќе биде отворен оваа недела.
Според портпаролот на владата, најмалку 300 луѓе се повредени во невремето, а на 1,2 милиони луѓе им е советувано да бидат евакуирани.
Тајфуните се редовна појава во Јапонија во овој период од годината, меѓутоа дождовите ретко предизвикуваат големи штети. Џеби уследи по летото со екстремно време за земјата.