Обвинетиот за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 Јане Ченто, откако се пријави вкрстено да го испрашува сведокот Петре Шилегов му рече:
„Господине Шилегов, јас сум внук на првиот претседател на АСНОМ, колку да расчистиме кој е фашист, а кој не”, откако претходно, Шилегов, одговарајќи на друго вкрстено прашање, рече дека нападот на Собранието бил „организиран политички облик на фашизам“.
Ченто е меѓу 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.
Шилегов потоа му одговори на Јане Ченто: „Од секоја здрава семка не излегува здрав плод”, по што Ченто му реплицираше: „Крушата под круша паѓа”.
По ова, судијката Добрила Кацарска ги прекина и го прекори сведокот Шилегов.
„Господине Шилегов, како пратеник имате заштита и можете да зборувате сѐ што сакате и да навредувате. Но, ова не е Собрание, сите имаат подеднаков третман. Не навредувајте и внимавајте како се обраќате”, му рече Кацарска на градоначалникот на Скопје кој за време на организираниот напад на Собранието лани беше пратеник.
По ова, одбраната немаше веќе прашања и рочиштето заврши.
Судењето продолжува утре со сведочење на Никола Тодоров, Весел Мемеди, Зоран Заев и Оливер Спасовски.
А. АНТЕВСКА