Американскиот амбасадор Џес Бејли и неговиот холандски колега Воутер Пломп утринава го одбележаа 8 Септември, Денот на независноста, со положување цвеќе на гробовите на поранешните македонски претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски на гробиштата во Бутел.
„27 години независна Македонија: со положување цвеќе оддадовме почит на поранешните претседатели Глигоров и Трајковски“, твитна холандскиот амбасадор Пломп, а слична порака на социјалната мрежа имаше и Бејли.
Глигоров беше првиот претседател на Република Македонија, а беше избран од Собранието на 27 јануари 1991 година. На претседателските избори во октомври 1994 година го освои вториот мандат. Почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.
Трајковски беше избран на претседател на изборите во ноември 1999 година. Загина во авионска несреќа близу Мостар на 26 февруари 2004 година.