УСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМ Е ЕДИНСТВЕНИОТ НАЧИН МАКЕДОНИЈА ДА ВЛЕЗЕ ВО НАТО, КАЖА АМЕРИКАНСКИОТ СЕНАТОР ЏОНСОН ПО СРЕДБАТА СО ЗАЕВ

    УСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМ Е ЕДИНСТВЕНИОТ НАЧИН МАКЕДОНИЈА ДА ВЛЕЗЕ ВО НАТО, КАЖА АМЕРИКАНСКИОТ СЕНАТОР ЏОНСОН ПО СРЕДБАТА СО ЗАЕВ„Без разлика дали се согласувате или не со договорот, мора да излезете да гласате и да им покажете на вашите лидери што чувствувате“, апелираше сенаторот Рон Џонсон до македонските граѓани. - Џонсон со американскиот амбасадор Џес Бејли пред Владата (Фото: К. Попов)

    Американскиот сенатор Рон Џонсон ги повика сите македонски граѓани да излезат да гласаат на референдумот на 30 септември, бидејќи Договорот од Преспа е единствениот начин Македонија да влезе во НАТО. Сенаторот Џонсон, кој утринава имаше средба со премиерот Зоран Заев во Владата, во неколку наврати повтори колку е важно граѓаните, без разлика дали го поддржуваат договорот или не, да излезат да гласаат и да кажат што мислат за решението на спорот за името што го договорија Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас.

    „Исклучително важно е за Македонија и Грција да го решат спорот за името. Имаме двајца храбри лидери, двајца премиери, кои се најдоа во тешка позиција. Ние сигурно сакаме да го поддржиме решението на овој проблем и тоа е единствениот начин Македонија да влезе во НАТО. Би сакал Македонија да стане 30. членка на НАТО. Тоа е многу важно за НАТО и за безбедноста на балканскиот регионот и на Македонија. Ги охрабрувам сите Македонци да излезат да гласаат на референдумот, без разлика дали се согласуваат или не со договорот, мора да излезете да гласате и да им покажете на вашите лидери што чувствувате. Неверојатно важно е да излезете да гласате“, изјави Џонсон.

    Републиканецот од Висконсин е претседавач на Поткомитетот за европска и регионална безбедносна политика во Сенатот и пред да дојде во Македонија беше и во Грција. Минатиот месец, тој во Сенатот предложи резолуција за поддршка на Договорот од Преспа.

    Сенаторот Џонсон дојде во Скопје непосредно по посетите на германската канцеларка Ангела Меркел, австрискиот канцелар Себастијан Курц и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во пресрет на референдумот за името на 30 септември.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира