Незадоволни пациенти кои чекаат и по еден час возило на Брза помош или со часови патуваат до здравствена установа каде треба да добијат медицинска помош, преморени екипи на Итната медицинска помош, кои секојдневно се обидуваат да стигнат до сите делови на градот од каде има повик пробивајќи се низ сообраќајниот метеж, преоптоварени лекари во ургентните центри, кои имаат и над стотина приеми на пациенти дневно е сликата за тоа како функционира системот за итна здравствена заштита. Секој од нив со својата приказна зошто овој дел од здравствениот систем буквално е пред колапс, односно функционира на мускули.
Пациент од Берово 12 часа поминал во амбулантно возило. Од Берово бил препратен во Клиничката болница во Штип, каде по направениот преглед и дадена помош бил препратен за Скопје. Итната помош го однела во Ургентниот центар на скопските клиники, но поради поставеност на системот дека прво мора да биде прегледан во болница од секундарно здравство, бил препратен во хируршката болница „Св.Наум Охридски“. Но, во болницата немале место па го препратиле во градската општа болница „8 Септември“. И овде пациентот не можеле да го хоспитализираат поради пополнети места и повторно е вратен во ургентниот центар на клиниките.
„Мајка ми падна и го скрши колкот. Повикавме Брза помош, ни кажаа дека во моментот немаат слободно возило и да почекаме да ни јават кога ќе дојдат. Не сакавме да чекаме, бидејќи не знаевме колку е сериозна повредата. Ја ставивме во службеното комбе од еден сосед и ја однесовме во болница. Од Брза помош се јавиле дури по 45 минути дека сега имаат возило. Кога требаше да ја пуштат од болница за транспорт испратија возило од Брза помош, но возилото беше крш и додека стигна дома буквално ја истрескаа по улиците“, вели скопјанка.
Во друг случај каде повозрасна жена паднала дома и скршила нога, но била сама и вратата од внатре била заклучена поминале неколку часа додека дошла Брзата помош.
„Викнавме полиција и пожарна за да ја обијат вратата, а од Брза помош бараа да стапат во контакт со мајка ми, бидејќи рекоа дека имале многу лажни повици. Додека дојдоа веќе и полиција заврши со увидот . Среќа што тука уште беа пожарникарите па тиа ја симнаа повредената, оти лекарката рече дека нивниот возач е ситен и не може да дига тешко“, вели скопјанец.
Во ургентните центри лекарите велат дека се преоптоварени со работа и дека дневно имаат над 100 интервенции. Повеќето, според нив, може да се решат на другите нивоа на здравствена заштита, а само 50 отсто навистина се итни и ургентни случаи.
„Во просек имаме од 90 до 120 интервенции дневно. Скоро 30 отсто од нив се пациенти кои не се од Скопје, а 50 отсто од пациентите кои ги носат кај нас не се итни или ургентни случаи. Тоа значи непотребно трошење и на опремата и материјалите, но и трошење на лекарските тимови. Оние што доѓаат надвор од Скопје релативно брзо ги носат кај нас во Ургентен, но од влезот во Скопје до клиника како што велат трошат и по 45 минути. Посебен проблем е самиот влез на клнички, каде амбулантните возила влегуваат заедно со сите други“, вели д-р Алберт Леши, раководител на Ургентниот центар на скопските клиники.
Според д-р Леши, за добро да функционира системот на итна здравствена заштита неопходна е комуникација меѓу здравствените установи, која сега ја нема.
„Во неодамнешниот случај со превртениот камион што пренесуваше мигранти, од Брза помош сите 16 пациенти ни ги донесоа овде. Но, ние немавме капацитет сите да ги примиме и моравме да ги препратиме во ‘8 Септември’. Друг пример исто од минатата недела, носат повредени од тепачка, ама ги носат сите кај нас и тепачката продолжила и овде во Ургентниот центар“, вели д-р Леши.
Тој раскажува случка во која директно учествувал како лекар, кога лани на 27 април од Скопје тргнале за Истанбул да пренесат болно дете на итна операција.
„Возилото од Итна медицинска помош што ни го дадоа за превоз на пациентот имаше медицинска сестра, млад лекар и еден возач. Се побунив и реков дека втор доктор не ми треба, бидејќи јас го придружувам пациентот и дека ми е многу попотребен уште еден возач, бидејќи патот до Истанбул е долг. Но остана така како што è. Возачот издржа до грчко-турската граница да вози без одмор, но потоа кажа дека веќе не може и дека мора да одмори. За да стигнеме навреме за операцијата, јас решив да возам до Истанбул, иако мојата задача беше да го придружувам пациентот“, вели д-р Леши.
Тој смета дека не секој пациент што ќе биде повреден или кому му е потребна итна медицинска помош треба да се транспортира во Скопје.
„Доколку во некоја од другите болници или клинички болници од внатрешноста нема одреден лекар со одредена специјалност, многу е полесно да се прати лекар од Скопје, отколку да се пренесува пациентот до овде, бидејќи често при транспортот може да му се искомпликува состојбата“, вели д-р Леши.
Во Ургентниот центар во „8 Септември“ велат дека дневно имаат и по 120 интервенции и дека сѐ повеќе расте бројот на пациенти кои не се од Скопје.
„Во принцип, итните случаи кои вклучуваат тешки трауми Итната помош ги носи навреме и имаме доволно време да интервенираме. Проблемот е што во Итната помош работат со малку возила и малку тимови, па дури и да сакаат секаде да стигнат не можат. Се случува пациенти од другите градови и по десетина часа да ги шетаат од една до друга здравствена установа, затоа што некаде не работел одреден апарат, на друго место немало одреден материјал или лекар“, велат од ургентниот центар во „8 Септември“.
Д-р Кристијан Костов, директор на „8 септември“ вели дека минатата недела во ургентниот центар на болницата биле направени рекордни 170 интервенции, а една смена ја покриваат шест доктори.
„Од 350 кревети колку што е капацитетот на болницата, полни се 320. Често се случува да не можеме да примиме пациент, бидејќи нема слободен кревет, иако услугата може да ја добие во болницата“, вели Костов.
Службата за итна медицинска помош во Скопје во моментов работи со шест возила, односно со шест екипи во една 12 часовна смена.
„Според препораките на Светската здравствена организација на 50.000 жители треба да има едно возило на Брза помош. Кај нас за жал со шест возила покриваме цел град и околината. Притоа вршиме и обезбедување на разни спортски и културни настани, а возило мора да има и при посета на високи делегации. Исто така, со наши возила вршиме транспорт на пациенти од болница до дома, а наши екипи интервенираат и во затворите“, вели д-р Георги Карамановски, специјалист по општа медицина и шеф на смена во Итната медицинска помош.
Тој објаснува дека дел од граѓаните со право реагираат дека некогаш нема возило, но дека како Служба за итна медицинска помош имаат голем проблем и со лажни повици.
„Се случува да бараат Итна помош, а кога нашето возило ќе стигне таму разбираме дека станува збор за забоболка или дека имале дијареа. Во просек во една смена имаме од 90 до 120 интервенции, од кои половината воопшто не се итни случаи. Тоа значи непотребно трошење и на возилата и на луѓето, и може да се случи некој кому навистина итно му треба помош да не ја добие, затоа што сме интервенирале на лажен повик“, вели д-р Карамановски.
Службата доби 13 нови возила при последната набавка на амбулантни возила пред шест години, што ја направи екминистерот за здравство Никола Тодоров. Од тие 13 шест се во функција, а останатите или се на поправка или се неупотребливи. Д-р Карамановски вели дека по шест години нормално е возилата да се амортизирани, бидејќи се на улица 24 часа. Освен возила, во Службата за итна медицинска помош недостасуваат и лекари, како и соодветна опрема. Во моментов. во Службата за итна медицинска помош во Скопје работат 35 лекари, од кои само пет до шест се повозрасни, останатите се млади лекари, кои најчесто по неколку години работа заминуваат од службата, бидејќи одбираат специјализација за нешто друго.
„Нашата задача е неблагодарна, врз база на телефонскиот разговор да одредиме итност на повикот, односно кој може, а кој не може да чека. Дел од граѓаните реагираат зошто прашуваме за возраста на пациентот, но тоа мора да го направиме и поради тоа што така е запишано во протоколот за прием на повик, но и од медицински апект, оти покачен крвен притисок не е исто кај 30-годишен и кај некој повозрасен со хронично заболување. Дополнителен проблем е тоа што уште отсбајле од болниците ќе ни јават на кое одделение немаат место и уште од старт одредени пациенти нема каде да ги носиме. Радиостаница за комуникација со ургентните центри има, но таа од ургентните центри ја вклучуваат само кога треба да не известат дека некој оддел им е полн и дека не може да примаат пациенти“, вели д-р Карамановски.
Според д-р Злате Мехмедовиќ, директорот на Здравствен дом каде припаѓа брзата помош, за таа да функционира беспрекорно, потребни се најмалку 15 возила, односно 15 тима во една смена. Здравствен дом уште во март годинава побара од Министерството за финансии дополнителни средства за 100 нови вработувања за медицински сестри, лекари и лаборанти. Од овие вработувања, за Итната медицинска помош планирани се 20 лекари. Овие вработувања засега не се одобрени.
Министерот за здравство Венко Филипче, вели дека се свесни за проблемот со кој се соочува Службата за итна медицинска помош не само во Скопје туку и во останатите градови во земјава, и дека активно работат на решавање на проблемот.
„Свесни сме дека недостига и опрема и кадар и возила. Следните вработувања ќе бидат во Здравствен дом Скопје, веќе подготвивме информација за на Влада за итната потреба од вработување на медицински кадар. Распишавме тендер за набавка на 12 возила за Брза помош, од кои 6 ќе бидат за Скопје. За да има доволен број возила во Скопје очекуваме и донација од седум возила од чешкото министерство за здравство, каде веќе бевме на разговори, а побаравме помош и од кинеската влада во возила. Тоа ќе биде грант, а возилата ќе се користат за транспорт на пациенти“, вели Филипче.
Тој кажа дека викендов во Кочани, Битола и Ресен почнуваат со пилот проектот за домашна посета од патронажните сестри, односно сè она што ќе може да се направи во домашни услови, особено старите и хронично болни пациенти да го добијат дома, за да не мора да одат во болница или амбуланта.
„Тоа значи мерење на притисок, шеќер, совети како да постапат при одредени услови, односно сѐ она што може да се направи во домашни услови“, вели Филипче.
Тој вели дека планираат да го сменат и целиот систем за тоа по која патека ќе се движат пациентите, особено оние од другите градови.
„Минатата недела, на состанок со директорите на клиниките им дадовме задолженија секој да направи листа за тоа кои специјалности и опрема и услуги можат да ги пружат, а кои им недостигаат и врз основа на тие податоци да направиме стартегија и за видот на специјалисти што се потребни и за развој на дејноста. Со таа стратегија ќе се прават и нови патеки на движење на пациентите. Така, ако пациентот е на пример од Вевчани, а одредена услуга ја нема во болницата во Струга, да не се носи таму туку директно во болницата во Охрид, и на тој начин да се избегне непотребното шетање на пациентите од една во друга установа“, вели Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА