Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис вели дека референдумот на 30 септември е најважното гласање во историјата на македонската нација и дека треба да се искористи демократската можност за да се оди во една нова иднина. Матис, кој е во еднодневна посета на Македонија, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска го спомена и референдумот за независност во 1991 година.
„Вашата земја само што ја славеше годишнината од прогласувањето независност, кога повеќе од 95 отсто од вашите граѓани гласаа да живеат во слобода како што вели вашата химна. Сега треба да се искористи демократската можност за да се оди во една нова иднина. Да ја цитирам канцеларката Меркел, ова е најважното гласање во историјата на вашата нација. Го препознаваме комплексниот политички процес кој што му претстои на вашиот народ и ве поддржуваме во остварувањето на вашиот демократски глас и одговорност да гласате“, изјави Матис.
Тој го цитираше и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за придобивките на земјата од зачленувањето во НАТО.
„Како што кажа Столтенберг минатата недела, придружувајќи му се на НАТО, добивате место во најуспешната воена алијанса во историјата, заедно со 29 други земји кои што се обврзуваат да ве штитат вас и вашата безбедност. Тоа носи зајакната безбедност како и зајакнат економски развој. Како што кажа Столтенберг, странските инвестиции во Црна Гора се удвоија откако земјата се зачлени во НАТО“, рече Матис.
Г. ТРПЕНОСКИ