Со повикување на бојкот на референдумот на 30 септември ја бојкотираме и македонската државност и иднината на нашите деца, изјави заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Петар Богојески, објави македонската редакција на Дојче Веле.
„ Преку бојкотот ја бојкотираме македонската државност и иднината на нашите деца. Кампањата ‘Бојкотирам’ се темели врз лажни вести кои ги продуцираат „центри кои не се на линија на заштита на интересите на Македонија, кои се обидуваат да го спречат проширувањето на НАТО на Балканот“, рече заменик генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески, на дебатата организирана од реформската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.
Богојески ќе гласа против на референдумот, затоа што го смета дека Договорот од Преспа за спорот за името со Грција е лош за македонските национални интереси. Тој ги отфрли и тезите на дел од неговите сопартијци дека владата на премиерот Зоран Заев ќе паднела ако не успее референдумот.
„Убеден сум дека владата на Заев не само што нема да падне ако не успее референдумот, туку ќе го протурка Договорот низ институциите, а притоа ќе добие кард бланш од меѓународната заедница за сите неуспеси во државата да го обвинува ВМРО-ДПМНЕ“, рече Богојески.
На дебатата присуствуваа и пратеникот на германската сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, владејачка партија ЦДУ и претседател на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг Норберт Ретген и поранешниот европратеник и известувач за Македонија, Ханес Свобода.
Пред присутните говор одржа и министерот за надворешни работи Никола Димитров.