НАСЛЕДИВМЕ СИТУАЦИЈА НА НЕСАКАНА БРЕМЕНОСТ ВО КРИТИЧЕН ПЕРИОД ЗА АБОРТУС, КАЖА ШИЛЕГОВ НА ДЕБАТАТА ЗА ГАСОВОДОТ НА ВОДНО

    НАСЛЕДИВМЕ СИТУАЦИЈА НА НЕСАКАНА БРЕМЕНОСТ ВО КРИТИЧЕН ПЕРИОД ЗА АБОРТУС, КАЖА ШИЛЕГОВ НА ДЕБАТАТА ЗА ГАСОВОДОТ НА ВОДНОСкопскиот градоначалник Петре Шилегов и заменик министерот за животна средина Јани Макрадули на денешната дебата за гасоводот на Водно. (Фото: СДК.МК)

    Граѓанските иницијативи и претставниците на власта ниту на втората дебата за изградбата на гасоводот на Водно не најдоа заедничко решение.

    Од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ останаа на ставот дека гасоводот треба да се гради на другата страна на планината, а власта ги убедуваше дека промена на трасата не може да има и дека тие направиле многу измени во планот за градба со кои се намалува зеленилото кое ќе се сече.

    „Просто да објаснам, ние наследивме ситуација на несакана бременост, во критичен период за абортус за да се заштитат и мајката и бебето. Направивме нова траса, обезбедивме пари за ревитализација на трасата, како и пошумување на други делови на Скопје. Не слушнав аргументи денес зошто не треба да се гради туку загриженост дека нема да се ревитализира. Сите ќе бидете вклучени во тој процес“ рече градоначалникот Петре Шилегов.

    Магдалена Трајковска, автор на студијата за влијанието врз животната средина, рече дека таа покажува дека влијанието е локално и краткотрајно, но со мерките кои ќе се преземат тоа се надминува и тоа значи дека изградбата на гасоводот нема влијание врз животната средина.

    Од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ им рекоа на градоначалникот Шилегов, заменик министерот за животна средина Јани Макрадули и на директорот на Македонски енергетски ресурси Бајрам Реџепи да им дадат анализа зошто мора гасоводот низ Водно и дали се запознаени со евентуална појава на свлечишта на оваа делница.

    „Не зборуваме само за сеча на дрвја туку за целиот биодиверзитет кој ќе се наруши. Дајте ни анализа и ќе ви поверуваме. Велите ќе садите дрвја, а немате план, кажете каде и колку ќе посадите. Додека не дадете план за ревитализација се дотогаш нашиот став ќе биде не низ Водно“ рече Андреа Јанков од „Го сакам Водно“.

    На крај на дебатата,  Макрадули им рече на граѓанските иницијативи дека се отворени за нова дебата и дека сите ќе бидат вклучени во процесот на ревитализација на Водно.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира