Валентина Божиновска била еден од предлозите на советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје за член на одборот за доделување на наградата „13 Ноември“. Овој предлог градоначалникот Петре Шилегов не го прифатил и побарал од советниците наместо Божиновска да предложат друг член.
Божиновска после парламентарните избори на 11 декември 2016, како тогашна директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, на протестите пред Државната изборна комисија (ДИК) кои тогаш ги организираше ВМРО-ДПМНЕ, во говор рече дека собирот пред ДИК е „вечер на ножевите“.
„Да ги поздравам бранителите, оваа вечер е вечер на ножевите, оваа вечер е вечер или на разумот или на лудилото на еден човек. На последниот македонски предавник Зоран Заев. Ќе се случи еден ден во кој ќе кажеме ’елате браќа и сестри да се собереме и да тргнеме, да видиме кој ќе ни биде цар, а кој шпион“, рече тогаш Божиновска.
Според одлуката која денес беше усвоена од Советот на Град Скопје, претседател на одборот е Вангелина Мојаноска, а членови се академик Газанфер Бајрам, професорите Лорета Георгиевска-Јаковлева, Севдаиљ Демири, Халил Зендели, Бранко Цветкоски, пејачката Виолета Томовска, актерот Петре Арсовски, Љубиша Станковиќ, Даница Стојанова и Роландо Кутиров.
Мандатот на досегашниот состав на Одборот истече во август 2018.
А. АНТЕВСКА