Никој од администрацијата не пријавил притисоци на работното место во пресрет на референдумот на посебната алатка на интернет страницата на Министерството за информатичко општество и администрација, која беше отворена на 13-ти овој месец, кажа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Тој рече дека алатката е отворена за да ги заштити вработени во јавната администрација, кои во случај на притисок имаат лесно достапно место каде да се обратат.
Пријавувањето е анонимно, а Манчевски кажа дека ако вработениот кој пријавува сака да ги сподели своите лични податоци, тие ќе бидат заштитени согласно Законот за заштита на лични податоци.
„Тоа е предупредување за сите министри, директори, раководители дека секој нивен обид ќе биде најжестоко санкциониран. Притисоци, уцени и злоупотреби во јавната администрација не смее да има. Се обидуваме целосно да ја смениме сликата за заробена држава. Министерството за информатичко општество и администрација се обврзува сите пристигнати пријави да ги проследи до надлежните органи за натамошно постапување и ова веќе е искомуницирано со сите надлежни институции. Ги повикувам сите граѓани ги уверувам дека сите нивни пријави се анонимни, ќе бидат процесуирани и соодветно постапено по нив“, рече Манчевски.