Бев во шок како може тоа да се случи во Собранието и никој ништо да не преземе. Траеше цела вечност, мислев дека живи нема да излеземе, ни се закануваа и нè тепаа и нас новинарите кои бевме таму, сведочеше низ солзи новинар – известувач од Собранието на судењето за организираниот напад на 27 април 2017 година.
Сведокот рече дека за време на првиот налет на толпата цел на напаѓачите биле Зоран Заев и Талат Џафери, а таа заработила удар од повозрасен човек и голем дел од толпата ѝ викал „предавничка“, „платеничка на Зоран Заев“, „шиптарска курво“, „Лочки, ве плаќа Заев“.
„Колешка со телефон снимаше како ги тепаат пратениците. Тогаш нè опколија и почнаа да ни викаат и се обидуваа да ни го земат телефонот. Ни го грабнаа и го удрија од земја. Успеавме да го земеме и кога тргнавме да излеземе од прес-центарот тргнаа по нас. Мене ме удрија, а колешката ја внесоа во другата сала. Не ме пуштија да влезам. Тогаш во солзи трчав низ Собранието, барајќи го обезбедувањето. На еден од членовите на обезбедувањето, кој добро го знам оти со години ја следам работата на Собранието, му реков низ солзи: ’колешката ми ја држат четворица, те молам помогни ми‘. Тој ми рече: ’не можам ништо да направам‘. Кога се вратив, ја видов колешката во ходникот плачеше, ѝ мереа пулс и ја миеја со вода“, сведочеше новинарката, која кажа дека додека пратениците ги тепале и удирале со сè и сешто, како штит бил пратеникот Влатко Ѓорчев.
„Мојот впечаток беше дека лицата во качулки ја насочуваа толпата. Кога дојдоа да нè евакуираат, јас бев во собраниското бифе и од чадот почнав да се гушам, реков: ’не нè убија, ама сите ќе се угушиме‘. Колегата Горан Трпеноски од СДК.МК најде крпа, ја намокри со вода и ја ставив на устата“ рече сведокот на денешното рочиште на судењето, во кое 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.
Претходно денеска сведочеше градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш, а на ред да сведочат се заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, кој за време на нападот на Собранието на 27 април беше обезбедување на Оливер Спасовски.
А. АНТЕВСКА