Елена Тасева со десертот „Морски свет“ победи на манифестацијата Сладоледија во Велес, која се одржа по 12.пат.
Годинава имаше шест натпреварувачки, а и жирито и гостинките имаа идентично мислење, дека креацијата на Тасева беше најпривлечна за око.
„За да ја направам оваа креација користев јужно овошје: лимони, ананас, портокали, цитрони и секако сладолед. За смесата која ја подготвив дома ми беа потребни пет часа. Во неа нема никаква имитација, нема локум, нема тесто, само тука го додадов сладоледот. Инспирацијата ми беше комбинација на летното освежување- сладолед и асоцијацијата за лето- јужното овошје“, изјави Тасева, која победи и лани со креацијата насловена „Був“.
Манифестацијата ја организира Здружението на жени за мултикултурни активности „Креација 2009“.
„Целта ни е да ја прикажеме креативноста и умешноста на жените во декорирање на летното освежување. Важно е и како учесничките ќе ја сервираат нивната маса. Вообичаено имаме по шест натпреварувачки, кои имаат ограничено време од 10 минути да ја подготват нивната креација“, рече Рајна Стојанова, претседателка на Здружението „Креација 2009“.
П. ПЕЧКОВ