Планинарите од Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ на Копанки со сопствени средства и донации од граѓани почнаа да го обновуваат планинарскиот дом на Пелистер што изгоре пред пет и пол години, а беше култно место за собирање на битолчани.
Планинарското друштво потпомогнато од други љубители на планината и волонтери успеа да го расчисти местото каде изгоре домот, да постави врзни греди, столбови, да шелува, а за утре планираат да ја стават и првата бетонска плоча во старата сала. Тие се подготвени постепено, според своите можности да го изградат домот „Копанки“ на Пелистер.
За потпорите од објектот што се обновува има изложба со постери насловена „Копанки за сите и сите за Копанки“ што ја подготвија планинарите.
На Копанки денес во градежните работи се придружија и евроамбасадорот Самуел Жбогар и директорoт на Францускиот институт Емануел Рембер, кој во јуни учествуваше во патувањето со мазга и магаре по врвиците на Македонскиот фронт, како и претставници од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА