Мартин Протоѓер, еден од обвинетите во „Титаник“ за злосторничко здружување и изборни нерегуларности, пет дена пред изборите на 5 јуни 2011 година, според продолжението на бомбите, организира поткуп на гласачите Роми во Струмица.
„Дај му на Кире (Божиновски н. з.) податоци за Цигани, мигани, све живо. Рокот за исплата е денеска. Јас му дадов налог да исплати денес до 3 саат све. До 3 да завршите све!“, му вика Протоѓер на Миле Јанакиески.
Потоа Кирил Божиновски, тогашен генерален секретар на Владата, му се јавува на Миле и го известува за човекот кој се упатил кај Ромите гласачи во Струмица: „Дејан од кај мене трга сега од Битола, кога ќе биде пред Струмица, ќе ти јави“.
Потоа Кирил му кажува на Миле дека 400 автобуси треба да дојдат од Италија да гласаат. Кирил прашува чија е таа луда идеја и што добиваат со тие автобуси за организирано носење на гласачи за избори, а овој му одговара: „Да, 300 луѓе добиваме“.
На денот на изборите, обвинетата Катерина Беловска му се јавува на Миле Јанакиески:
„Ние денес вртиме на списоците што ни ги даде ти“.
Продолжуваат јавувања од членови на ВМРО-ДПМНЕ кај Јанакиески, го известуваат за излезност на изборите, потоа како ги терале вработени во институции да излегуваат да гласаат.
„Со Маца вртиме на овие списоци, 15-30 што се“, вели вмровка од терен.
„Битно сите вработени се излезени. И куцо и сакато е излезено“, вели друг вмровец.
Во „Титаник“ се обвинети и Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Илија Димовски, Билјана Бришкоска-Бошковски, Едмонд Темелко и други.
Досега, од 1.000 во Основниот суд Скопје 1 пуштени се околу 250 прислушувани разговори.
С. К. ДЕЛЕВСКА