Гордана Јанкулоска, обвинета за злосторничко здружување пред изборите во 2011 и 2013 година во предметот на СЈО „Титаник“, во продолжение на денешните бомби во Кривичниот суд на тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков му кажува дека за државјанствата што ги давале пред избори реагирал коалицискиот партнер ДУИ.
„Знае и премиерот за тоа. Цела година го тераме. Нека си го тера дури не реагираат“, вели Јанкулоска на Мијалков. „Ние си теравме така и во Кичево, Ресен, Охрид… Мора да престанеме, оти тоа оди како посебна точка на Влада“.
Јанкулоска, тогашна министерка за внатрешни работи, му укажува на Мијалков дека за државјанствата на нивни гласачи во албански општини реагирал вицепремиерот Муса Џафери.
Разговорот е пред локалните избори во 2013 година.
Таа објаснува како ја ставале таа точка на Влада, дека гледала кога има ситуација и кога се деконцентрирани во Владата, да ги стават како точка на дневен ред. Зборуваат за околу 400 државјанства.
„Нема ништо незаконско во тоа, ама нашите таму се неорганизирани. Мала Преспа е друго, поблиску е до граница“, вели Јанкулоска.
Јанкулоска на Кирил Божиновски во разговор од 27 август му вели дека треба порано да најдат адреси за гласачи.
„Порано Љубе правеше таква глупост. Пример: Димче Мирчев без број“, му раскажува ексминистерката на Божиновски. „Сакаме да ја завршиме работата, ама да не бидат како војска. Да не ја шириме по одбори“.
С. К. ДЕЛЕВСКА